wrapper

Флеш вести

Четврток, 17 Март 2016 21:39

Интервју со Зоран Димитровски, одговорен уредник на „Фокус“

ЖИВЕЕМЕ ВО АВТОРИТАРЕН РЕЖИМ ВО КОЈ СЕ ПОМИЛУВААТ ТЕШКИ КРИМИНАЛЦИ

Почитувани слушатели добредојдовте во уште една наша емисија. Наш денешен гостин е одговорниот уредник на неделникот „Фокус“ и професор на Високата школа за новинарство при МИМ, Зоран Димитровски.

Господине Димитровски благодарам што прифативте учество во нашата емисија и што овозможивте да се чуе вашето размислување за одредени работи на фрекфенцијата на Радио Илинден.

Зоран Димитровски - Многу ми е драго што гостувам во вашата програма и што всушност прв пат гостувам на едно радио кое е  австралиско и кое е за публиката која е составена од нашите иселеници Македонци кои воедно еве ги поздравувам.

На почетокот како ги коментирате вчерашните случувања пред Уставниот суд ? Што е она што ни се случува а се нарекува протести и контра-протести? Како се води политичката борба, какви се овие методи...? Како ја оценувате состојбата како новинар , уредник, аналитичар?

Зоран Димитровски - Јас вчера бев присутен на терен како новинар, како уредник на Фокус но сепак и како граѓанин. Она што го видов е карактеристично за авторитарните режими. Од една страна нели имавме најавени демонстрации на граѓанските здруженија на здружението „Ајде“ , подржани од други невладини организации како и опозицијата против најавената одлука на судот со која што треба да му овозможи на претседателот да помилува криминал во изборни процеси, да помилува педофилија, да помилува обвинети односно осудени за тешки кривични дела од областа на безбедноста и тероризмот, нешто што пак предизвика огромно внимание во македонската јавност и огромен револт.

Контрапротестите пак што беа ненајавено одржани вчера, т.е. собирањето на група граѓани од партијата ГРОМ на господинот Стевчо Јакимовски кои што најавија таква блокада, во суштина на некој начин сакаше, според нивното мислење, да  ги заштити институциите да го заштити Уставниот суд од групата протестанти која протестира против Уставниот суд. Малку е навистина апсурдно но карактеристично за авторитарни режими. Но треба да се знае дека во Македонија по членот 155 од Кривичниот законик на Р.М. казливо е да вие спречувате најавен протест. Тоа не се однесува само на органи на држава, на полиција, да спречува протест, туку и на било која група граѓани која ќе се обиде да спречи најавен протест. Казните за тоа дело одат не само прекршочни и финансиски туку и кривични со затвор за оние кои тоа ќе го организираат.

Правото на протестирање е загарантирано право на секому. Секој може да излезе и да  протестира, секако и контрапротестанти без оглед на нивните најавени интенции, но, проблемот е во тоа што ако веќе имате најавено дека на местото ќе се одржи протест и тоа право некој ви го дал, ве лиценцирал да одржите таму протести, тогаш не може некој ненајавено да ви го узурпира просторот.

Полицијата според мене постапи многу логично развојувајќи ги двете групи за да не дојде до некакви конфликти затоа што тоа не би му одело во полза на никому. После ова она што треба да се направи е да се поднесат кривични пријави против оние кои што протестираа со контрапротест и спречија да демонстрираат оние ко тоа легално го најавија. Сепак се знае дека целата приказна е една мимикрија.

Ние знаеме дека владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ си го подржува законот што е донесен порано, односно наводно е против тоа Уставниот суд да донесе ваква одлука да му се даде на преседателот ингеренции да поминува вакв вид криминал, но од друга страна гледаме дека со испраќање на свои граѓани да направат контрапротести, со подршка на партијата ГРОМ која ете наводно е загрижена за Уставниот суд и за нашите институции, таа всушнос докажува дека единствената намера е со одлука на Уставниот суд да се заштити изборниот криминал со кој се сомничат носителите на власта.

Што ќе значи во иднина донесувањето на оваа одлука од страна на судот? Дали тоа е само да се спасат овие осомничени лица?

Зоран Димитровски -  Апсолутно намерата е да се спасат одредени личности кои што беа осомничени во истрагата на Специјалното обвинителство за вршење на изборни измами. Видовме дека поранешен министер за внатрешни работи , министер за транспорт и врски и група граѓани беа обвинети за злосторничко здружување за изборни измами. Тоа се многу сериозни осомничувања. Дозволувањето преседателот да даде амнестија, помилување или аболиција како што се вели, или да ја запре постапката во кривичниот дел за ваков дел кривични дела е уривање на целиот процес од Пржино, на договорот за надминување на политичката криза. Ние видовме јасна порака од Европската Унија, порпаролот на Европксата комисја, Маја Коцијанчиќ, рече дека ова ги поткопува напорите на ЕУ и на меѓународната заедница да се разреши политичката криза. Зошто беше целиот политички процес. Заради изборите. Сега ако вие оневозможувате правдата да си го каже на крај својот збор, со однапред подготвена аболиција, на тој начин го рушите целиот процес на стабилизација на политичката криза. Мислам дека тоа ќе има влијание врз понатамошниот развој на состојбите и на оценката на меѓународната заедница за тоа дали се можни кредибилни избори.

Како е да се работи сега во медиумите? Како е да се биде новинар, уредник...? Како е да се работи во „Фокус“ и како го оценувате генерално новинарството во Македонија?

Зоран Димитровски – Медиумите се исто дел од оваа политичка криза и требаше да бидат дел од разрешницата затоа што знаеме дека владеачката партија на многу начини барем доминатните медиуми ги има под своја контрола. Ова особено важи за јавниот сервис Македонската радио телевизија, за Македонската информативна агенција, за Агенцијата за медиуми која што го контролира тој медиумски простор. Договорот од Пржино беше на некој начин да се демократизира тој медиумски систем, да се направат реформи во кои што не само пристап да добие опозицијата туку и граѓаните да можат да добијат повеќе простор во медиумите и тој да не биде узурпиран само за владечката партија и да не с еговори само за само една вистина.

Но, видовме што во меѓувреме се случи, отпорите се страшни од страна на владечката партија дека таа се држи за контролата на медиумите затоа што знае дека условно речено пропагандата е многу важна за рејтингот на владечката партија и за пласирањето на нивната вистина.

Гледаме дека минатат недела имаше случај на избркана колешка од Сител Телевизија заради напишан новинарски текст што е дирекно прекршување на Законот за медиуми. Имаме менување на уредници во Медиа Принт Македонија, во Вест во Утрински Весник така што тој притисок врз медиумите продолжува и понатаму и многу тешко ќе биде да дојдеме во фазата да се избориме за некаков плурарен медиумски ситем кој што ќе ги има сите професионални новинарски стандарди.

Зошто не дојде т.н. Македонска пролет кога зборуваме за промените кои се најавуваат, борбата за слобода ...?

Зоран Димитровски – Знате што, демократијата е долгорочен процес. Македнија нема големо искуство од демократска пракса и тоа е од почетокот на 90-десетите кога се осамостоивме, Македонија се соочи со страшни кризи, со блокади, од нашите соседи пред се, со Грција со непризнавање на уставното име со друг тип на блокади, економски и политички, тука е и војната во Србија. Целиот овој процес не беше поволен за демократизација.

Што се однесува до нашите иселеници во Австралија ...Како тие да бидат сигурни дека гласаат за вистински кандидат кој ќе ги застапува нивните интереси? До сега се покажа дека често пати гласаат за личности, кандидати кои не ги познаваат, па понатаму не ги застапуваат интересите на гласачите и народот бива изигран.

 

Зоран Димитровски – Во минатото се правцеа најразлични аранжмани во контекст на тоа како да осигурите дека вашиот претставник во парламентот ќе ги застапува вашите интереси. Имавме случаи во времето на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ со Демократска Алтернатива, кога лидерот на ДА, Васил Тупурковски, потпишуваше со граѓаните некакви гарантни листови со кои им гарантираше дека тоа ќе го оствари ако влезе во парламентот и ако бидат членови на владата.

Има такви аранжмани но, станува збор за нешто друго кога е во прашање дијаспората. Дијаспората има или може да има специфичен удел во една ваква држава каква што е Македонија по многу прашања. На пример по прашањата кои се национални, безбедносно-политички, каде што таа може да има влијание во државите каде што живее. Ние знаеме дека Австралија е влијателна во државите на Комонвелтот, влијателна во Меѓународната заедница и мислам дека Македонците можат многу да придонесат таму каде што може да има лобирање. Но, што се однесува до застапувањето на нивните интереси во Македонија мислам дека таа активност не треба да им ја препуштат на политичките партии од овде. Тие може да бидат членови или симпатизери на овдешните партии но тие би требало самите да се организираат и самите не само да предлагаат туку и да инсистираат централата во Македонија да   ги прифаќа тие нивни кандидати кои што сметаат дека се најдобри, произлезени од нивната средина а не ододвде да им наметнуваат така наречени шетачи кои не се ниту во Скопје ниту во Сиднеј, ниту во Мелбурн, туку цело време одат на релација да бараат некои лукративни интереси само за себе и да работат само за свој џеб. Досегашните претставници од дијаспората не донесоа ништо позитивно. Тие треба да се борат, условно речено, дијаспората да има попривилегиран третман во Република Македонија во однос на бизнисот, во многу други прашања што ги засегаат иселениците, брзо да се решаваат имотно-правните прашања кои се голем проблем за нашите во дијаспората.

Што мислите како аналитичар дали ќе има избори наскоро и дали ќе има неккави промени во медиумскиот дел?

Зоран Димитровски – На оваа владечка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ сметам дека и се ближи крајот, но не значи дека и партијата нема да биде моќна и влијателна и можеби дел од некоја идна влада... Но, сметам дека сите овие кои што се осомничени за потешки кривични дела дека полека полека или ќе отстапуваат од политичка сцена или ќе почнат да се соочуваат со правдата.

 

 

 

 

 

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на