wrapper

Флеш вести

Петок, 01 Април 2016 21:43

ПРОФЕСОРОТ ШКАРИЌ ИМ ОДРЖА ЛЕКЦИЈА НА УСТАВНИОТ СУД И НА ВЛАСТА: АБОЛИЦИЈА НЕМА. ЕДНАШ УКИНАТА ОДРЕДБА Е МРТВА ЗА СЕКОГАШ!

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ ЗА РАДИО ИЛИНДЕН СО ПРОФЕСОР ПО УСТАВНО ПРАВО СВЕТОМИР ШКАРИЌ

„Грешката е во тоа е што Уставниот суд мислел дека со укинување на законот од 2009 година дека сите одредби укинати од законот од 1993 година ќе оживеат. Меѓутоа, теориски и научно тоа не е возможно бидејќи еднаш веќе укинатата одредба станува мртва за секогаш. Неа може да ја оживее само Собранието преку нов закон. Тука Уставниот суд погреши и не успеа, не само да му отвори простор на шефот на државата да врши помилување туку целосно ја блокира неговата постапка за помилување на било какво кривично дело затоа што од тој закон од 1993 година од 17 члена , 10 члена се видоизменети и еден член е избришан. Оние пак останати 6 члена што се во сила се неподобни за поведување на постапка за помилување на било кое кривично дело. Згора на тоа меѓу тие 6-7 одредби што останаа во сила има и една одредба, тоа челнот 3, со која се превудува правото, кога е во прашање аболиција, постапката за аболиција да се води „екс официо“ по службена должност, листата пак може да ја отвори само министерот за правда. Значи без министер за правда шефот на државата не може ништо да направи. Тоа е втора бариера и на тој начин претседателот всушност останува без никакви ингеренции во сферата на помилувањето. Така да Уставен суд со својата одлука постигна спротивен ефект “ – објаснува професорот Шкариќ во интервју дадено за радио „Илинден“.

Почитувани слушатели наш денешен гостин е почитуваниот професор и експерт по уставно право господиниот Светомир Шкариќ.

Проф. Светомир Шкариќ - Благодарам што ете имам прилика да зборувам за нашите иселеници во Австралија за нивните анследници особено поради тоа што имам добри впечатоци од Австрлаија кога со мојата сопрува престојувавме таму во 1996 година кога бевме во Брисбан а го псоетивме и Сиднеј. Таму учествуваме во работата на една меѓународна конференција организирана од Народната асоцијација за истражување на мирот. Посетив неколку правни факултети. Успеав да се сретнам со повеќе професори по уставно право во Брисбан. Зедов и купив најдобри учебници по уставно право посветено на Австралија и истите ги вградив во најновото мое осмо издание на Уставно право така да австралијанското уставно право е присутно и во Македонија заедно со моите впечатоци од патувањето во Австралија, така да ми е драго што сум гостин и учесник во емисијата На Радио Илинден.

Како ја оценувате улогата на Уставниот суд, промените кои што се дозволија таму во однос на помилувањето претстапници ... улогата на претседателот... како гледате на овие случувања како експерт, професот па и како граѓанин на Република Македонија?

Проф. Светомир Шкариќ – Па уставно судство е многу сложена материја. Македонија има таква институција Уставен суд на Р. М.  И тоа повеќе од 50 години. Има богато искуство во работењето. За разлика од Австралија, таа улога во Австралија на некој начин ја врши Врховниот суд на Австралија, но, тоа е специфично англиско право и од тука вашите слушатели тешко ќе можат да влезат во суштината на уставното судство само преку еден разговор но јас ќе се осфрнам на овие настани што сега се случија во последно време и што уште се живи и се уште се случуваат а тоа е одлуката што ја донесе Уставниот суд од 24 март која е веќе објавена и како таква е влезена во сила. Имено, нашите граѓани во Австралија треба да знаат дека таа одлука што ја донесе Уставниот суд е доста контрадикторна. Од една страна Уставниот суд сакаше да му отвори простор на претседателот на републиката да може да го користи  правото на аболиција. Тоа е пошироко право од правото на помилување. Правото на помилување по самиот термин претставува некој да биде помилуван откако е осуден. Или, уште поточно поминал одреден период по затворите. Од друга страна пак аболиција значи да се ослободи еден граѓанин од гонење за сторено кривично дело. Значи, да се аболира, да му се прости стореното кривично  дело а тоа е веќе тежок облик на помилување кое нашиот закон од 93та година му го даваше тоа право, потоа тоа право два пати е искористено. Прв пат го искористи починатиот претседател Трајковски во 2003-та година кога ги аболираше од одговорност тогашните актери на аферата Прислушување или позната како „Големото уво“, т.е. прислушкување на преку 400 лица. Тогаш министерката за внатрешни работи и еден некзин соработник т.е. управникот со таа управа што оперира со инструментите за прислушување ги има ослободено од одговорност, но, во тој период обвинителот кој во тоа време беше заменик обвинител а сега е државен обвинител на Р.М. се потпре на снимките на прислушкуваните разговори, подготви обвинителен акт и го достави до Основниот суд во Скопје и го стави во процедура. Основниот суд го прифати обвинителниот акт но на прва седница закажано на прво рочиште дојде одлуката на прерседателот Трајковски за нивно аболирање и така таа афера заврши, без епилог.

Второ аболирање го направи претседателот Црвенковски поврзано со притворот на Заев кој што сега е претседател на опозициската пратија. Тоа е второ аболирање. Сега Уставниот суд сака на некој начин д а му отвори простор на сегашниот претседател да го прави истото што го правеле и неговите претходници, но, во меѓувреме во 2006 година со промена на власта кога ВМРО доаѓа на власт заедно со ДПА поучени од негативното искуство на двете претходни аболиции на предлог на владата на чие што чело е премиерот Груевски покрена постапка за укинување на правото на аболиција и тоа право е укинато на преседателот. Така со тој закон преседателот како шеф на држава не можеше на врши аболиција, тоа од едноставна причина, тоа беа зборовите на Груевски „ Ако преседателот на државата може да аболира одредени личности за сторено кривично дело тогаш може многу лесно да дојде до договор (дил) помеѓу претседателот на државата и тоа лице и на тој начин да ги делат бенефитите“. Токму поради тоа и се укина и мислам дека е добро што се укина таа одредба бидејќи на тој начин помилувањето ги добива своите вистински рамки а тоа значи дека шеф на држава може да помилува веќе осудени лица а таков е и терминот а тоа е и уставната смисла. Претседателот помилува веќе осудено лице и се знае дека веќе е сторител на кривично дело и како такво може е во затвор или е осуден и може не оди во затвор но се знае дека е сторител на кривично дело и работите се јасни се знае кривичното дело се знае улогата на претседателот. Но, тоа беше за поздравување и јас тоа го поздравувам како професор по уставно право. Но, сега Уставниот суд под притисок на Специјалното Јавно Обвинитество и овие процеси што сега се одвиваат по обвинувањето на одредени министри од владата на Груевски за сторени кривични дел, фаза на сомнеж, но СЈО побара и притвор за некои такви министри... Во таков контекст дојде и иницијативата за укинување на овој закон и на ова решение од 2009 година. Сега Уставниот суд сака да ги врати тие одредби и го укинува целиот закон од 2009 година мислејќи дека со укинувањето на тој закон ќе ја врати и оваа одредба за аболиција и тука за жал Уставниот суд погреши.

Конкретно која е грешката, како би ја дефинирале?

 

Проф. Светомир Шкариќ – Грешката е во тоа е што Уставниот суд мислел дека со укинување на законот од 2009 година дека сите одредби укинати од законот од 1993 година ќе оживеат. Меѓутоа, теориски и научно тоа не е возможно бидејќи еднаш веќе укинатата одредба станува мртва за секогаш. Неа може да ја оживее само Собранието преку нов закон. Тука Уставниот суд погреши и не успеа, не само да му отвори простор на шефот на државата да врши помилување туку целосно ја блокира неговата постапка за помилување на било какво кривично дело затоа што од тој закон од 1993 година од 17 члена , 10 члена се видоизменети и еден член е избришан. Оние пак останати 6 члена што се во сила се неподобни за поведување на постапка за помилување на било кое кривично дело.

Згора на тоа меѓу тие 6-7 одредби што останаа во сила има и една одредба, тоа челнот 3, со која се предвидува правото, кога е во прашање аболиција, постапката за аболиција да се води „екс официо“ по службена должност, листата пак може да ја отвори само министерот за правда. Значи без министер за правда шефот на државата не може ништо да направи. Тоа е втора бариера и на тој начин претседателот всушност останува без никакви ингеренции во сферата на помилувањето. Така да Уставен суд со својата одлука постигна спротивен ефект. Јас жалам за тоа меѓутоа тоа се случува бидејќи одлуката е донесена на брзина. На пример, на 3 февруари е дадена иницијатива од еден адвокат, кој не беше ниту поканет на расправа пред Уставен суд, требаше да биде поканет за да го образложи тоа... Второ, за неполни 15 дена е усвоена иницијативата од страна на Уставниот суд за прифаќање на иницијативата на тој адвокат, што пак е многу брзо. Брзо е затоа што за 15 дена треба да се напише реферат, треба да се истражат фактите, треба да се видат импликациите... но, иницијативата е усвоена и на 24 март донесена е одлуката. Значи, за неполни 45 дена целата постапка завршува. Тоа е многу брзо. Скоро и да не нема таков случај во досегашната 50-годишна историја на Уставен суд. Очигледно Уставниот суд брзал, бил под одреден притисок. Што пак исто така битно, голема поделба настана во судот. Пет судии гласаа за оваа одлука а 4 беа против. Нашиот Уставен суд брои 9 члена. Значи таа поделба 4 спрема 5 е тесна разлика но одлука е донесена со мнозинство гласови и тоа е факт. И сега е многу слаба аргументацијата на мнозинството кога е во прашање одлуката. На пример мнозинството во образложението на одлуката смета дека правото на помилување на претседателот е неприкосновено и уставно и законско право. Но, не може да биде неприкосновено уставно и неприкосновено законско. Ако е неприкосновено уставно тогаш со уставот е целосно уредено. Ако е неприкосновено законско тогаш Уставот нема никакви допирни точки со тоа право. Од друга страна пак Уставниот суд тврди дека правото на помилување не смее со ништо да биде ограничено. Од друга страна пак тврди дека со закон е неприкосновено. Тврди дека не може со закон да се уредува правото на помилување додека Уставот е прецизен и кажува дека во надлежностите на претседателот дека има право на помилување согласно со закон. Сега ова во согласност со закон имплицира дека законодавецот во овој случај Собранието може да му го димензионира правото, да му го ограничува. Може да има поширок приод како што имаше законодавецот во 1993 година кога му го даваше и правото да аболира. Но може законодавецот да има и потесен приод како што се случи во 2009 година кога тоа право за аболиција му го одзеде. Значи може да го димензионира во зависност од наоѓањето на законодавецот. Сега Уставниот суд за да може да го врати старото решение се потпира на ова толкување дека правото на помилување е речиси апсолутно право на претседателот, што пак не е точно и не може да биде, бидејќи апсолутното право на помилување е својствено на монарсите. Такво право за прв пат се воведува за време на римските императори.

Недозволиво е претседателот да може да аболира да може да укинува казни, да може да ги видоизменува казните, да може да брише без пресуда ... Тоа е длабоко навлегување во судската сфера, во судската власт. Тоа значи дерогирање на судските пресуди. Пресуден предмет е најцврстата точка на правниот систем. За среќа ете кај нас поради не знаење поради непознавање на карактерот на уставното судство уште повеќе ја затвори вратата на претседателот така да Македонија бар во ова време се заштитува од преголемата ингеренција на извршната власт во судската сфера.

Има ли услови за ибори и дали тие може да бидат решение на оваа криза?

Проф. Светомир Шкариќ – Изборите се единствен начин за разрешница затоа што преку изборите власта се легитимира и овие крупни реформи кои што на Македонија и престојат од гледиште на извештајот на ПРИБЕ ...Изборите на 5 јуни или било кога да се одржат се единствен начин за легитимирање на она власт која што ќе биде способна да се зафати со тие реформи и чекор по чекор Македонија да ја извлекуваат од таа криза. Но, за одржување на изборите потребни се некои услови кои што се содржани во договорот од Пржино. Меѓу нив е и категоријата слободни и фер избори. Таа категорија за Австралијанците е многу јасна бидејќи поимор за фер и слободни избори одамна е утврден уште во времето на Б. Фрајц од 1689 година под чие влијание и Австралија се развива и се гради. Но кај нас тој поим е повеќе вербален и не се навлегува во суштината и еве сега под притисок на извештајот од ПРИБЕ и договорот од Пржино таа категорија влезе како обврска за политичките партии да се создадат услови за слободни и фер избори.

 

Како државава, политичарите гледаат на иселениците, на дијаспората?

 

Проф. Светомир Шкариќ – Сегашната власт има една заслуга што овозможи нашите иселеници да бидат избирачи, да бидат дел од избирачкиот список и на тој начин и тие да се вклучат во градењето  на уставниот систем на Македонија и во определувањето на нејзината перспектива. Тука треба да им се оддаде признание но, тоа не е доволно. Многу е битно сега сите наши што се во Австралија и во други земји да можат легално без било какви приговори коректно да бидат запишани во избирачки список и да го знаеме избирачкото тело. Потоа многу е важно граѓаните, нашите иселеници, да бидат поактивни во изборот на своите претставници за македонското собрание. На пример сега се забележува сега избраните три пратеници од дијаспората имаат многу низок легитимитет. Разликата е еден према осум.  Ако зад еден пратеник од дијаспората стојат 1000 гласа зад еден избран пратеник во Македнија е 9-10000 гласа. Значи, мора да се намалува тој распон заради тоа што доаѓа до повредата на еднаквоска на избирачкото право.

 

Жарко Василевски ( Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. )

 

 

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на