wrapper

Флеш вести

Петок, 15 Април 2016 19:30

Интервју со Стојанче Ангелов

Ќе протестираме се додека оваа криминална банда не падне од власт.

Почитувани слушатели на радио „Илинден“, добредојдовте во уште една емисија. Нашиот денешен гостин е господинот Стојанче Ангелов, претседател на политичката партија Достоинство. 

Илинден: Дали е позитивна или негативна одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов во врска со масовната аболиција во Македонија и како тоа ќе се одрази врз демократските параметри во земјава? 

Ангелов: За жал, морам да кажам нешто што јас не сакам да го кажам, но Македонија се повеќе и повеќе личи на држава, но сепак не е држава. Особено од оној правен аспект, бидејќи она што ни се случува се нема случено никаде во светот, а јас мислам дека и во Африка не се забележани слични работи. Претседателот Иванов, кој има сомнителен легитимитет, бидејќи можевме да слушнеме како се украдени изборите на кои тој стана претседател на Македонија, тој претседател го згази законот за помилување и ја злоупотреби својата функција за да ослободи луѓе кои ја турнаа државата во амбисот. А тие луѓе, наместо да бидат изнесени пред лицето на правдата, тој им даде можност слободно да се шетаат. Исто така, секој човек што зборува и размислува поинаку од Никола Груевски, тој автоматски се етикетира за предавник, а истото ме снајде и мене. Но, мислам дека по неколку години или децении, историјата ќе ја каже вистината, бидејќи сега највлијателните медиуми се под тешка контрола на власта. 

Илинден: Зошто претседателот го прави тоа и покрај тоа што Уставот не дозволува? 

Ангелов: Имаме голем број врвни стручни лица и вистински експерти од областа на уставното право и треба да ги погледнете нивните ставови. Но, јас се водам по еден друг аспект. Доколку претседателот амнестираше или аболицираше неколку луѓе, тогаш јас би можел да го разберам бидејќи има одредени ингеренции, но кога тој одеднаш го прави со стотици луѓе кои се вклучени во организиран криминал, тој го разнишува темелот на правната држава, бидејќи тој го укина и функционирањето на СЈО. 

Илинден: Конкретно за Достоинство, пред некој ден потпишавте соработка со опозицискиот фронт, па кои се новите акции што може народот да ги очекува од вашата партија? 

Ангелов: Народот е во заблуда дека сме во коалиција со СДСМ, но ние бевме коалиционери само за локалните избори во 2013 година. На последните парламентарни избори ние освоивме 9.000 избори и тоа е навистина голем успех, па и вашите слушатели треба да знаат дека кога зборувам јас, тогаш всушност зборуваат сите тие 9.000 лица. Инаку, ние ја потпишавме меѓусебната соработка со СДСМ, но јас кажав дека Достоинство има непријатни искуства од поранешната влада на СДСМ, а притоа напоменав дека сега имаме одредени разлики за одредени прашања. Но, ја потпишавме таа соработка само со цел да го срушиме овој криминален и недемократски режим. Дури кога ќе се создадат нормални демократски услови за избори ние ќе излеземе со нашата платформа и граѓаните ќе можат да ја дадат довербата на Достоинство. Ако Македонија е една изборна единица, тогаш ние нема да имаме причина да сме во коалиција со никоја партија, а граѓаните ќе бидат охрабрени да го дадат својот глас. 

Илинден: Која е фокус групата на Достоинство и која е идејата?  

Ангелов: Како партија, на прво место ги ставаме правата на оние што крвареа за Македонија во 2001 година, бидејќи никоја влада не излезе пресрет на нашите барања. Ние не зборуваме за пари, ние не побаравме бранителите да земат пари, не бараме пензии, туку само благодарност и одликување од државата. Нашите граѓани треба да знаат дека ниту еден бранител не е одликуван. Под силен притисок на Достоинство, успеавме да го натераме Иванов да ги одликува загинатите, но нема ниту еден жив бранител што е одликуван. Нашата основна цел се правата на бранителите, а исто така се бориме Македонија да стане поубаво место за живеење. Толку многу пари се крадат од Македонија, пари од граѓаните што ќе ги враќат со децении, па токму затоа мора да прекине секој криминал и корупција, па затоа имаме и најмалку странски инвестиции.

Илинден: Што најавивте на последната пресконференција? 

Ангелов: Го повикавме Иванов да биде разумен и да ја повлече одлуката за амнестија. Иако тој сакаше да не убеди дека тоа го прави за помирување, но јас не сакам да се помирам со некој што украл милијарди. Тоа значи исто како некој да дојде кај вас дома, да ве силува, да ви ги украде парите, а на крај да се смирите и се да биде во најдобар ред. Ние мораме да се научиме на одговорност. Секој што ќе направи криминал треба да одговара. Не може никој во име на слога меѓу народот да амнестира криминалци. 

Илинден: Дали ги поддржувате протестите и дали учествувате? 

Ангелов: Да, протестите започнаа, ние ја дадовме поддршката, а овојпат протестите се спонтани, но заедно со СДСМ организираме голем протест што ќе се случи следниве денови и ќе се соберат повеќе од 100 илјади граѓани. 

Илинден: Како да се однесуваат нашите Македонци кои не живеат во Македонија?  

Ангелов: Јас би порачал да ги читаат порталите наизменично, бидејќи во Македонија нема целосно објективни портали, а тоа е резултат на режимот. Тука, најголем дел од медиумите се строго контролирани од бандата на Груевски. Нивните медиуми си играат со луѓето, а така ја купуваат нивната доверба. Се надевам дека најпосле ќе му дојде крај на овој режим. 

Илинден: Дали се подготвувате за избори и дали вие лично сте оптимист дека ќе има избори? 

Ангелов: Во јуни не смеат да се одржат избори и ние нема да дозволиме да има избори, бидејќи таму ќе учествува само ВМРО ДПМНЕ. Се уште не е прочистен избирачкиот список, а кога во Македонија ќе кажете критика за Груевски, провладините медиуми пренесуваат дека вие зборувате против државата. Јас можеби сум најголем патриот, а да не го сакам Груевски, особено кога го слушам каков криминал прави. Исто така, имаме група портали блиски до Сорос и застапуваат други тези и го напаѓаат историското ВМРО, нешто со што јас не можам да се помирам.

Илинден: Како гледате на војната во 2001 година после толку време? 

Ангелов: Таа година беше војна за територија. Тврдењата дека војната ја предизвикала СДСМ за да се врати на власт, тоа се глупости. Таа војна Албанците ја подготвуваа на сите територии, а истото се случи и на Косово. Албанците се дигнаа да ја отцепат територијата од Македонија, но ние не го дозволивме тоа. Нивната крајна цел е формирање Голема Албанија, нешто што го подгрева и албанскиот премиер, но албанските екстремисти треба да знаат дека никогаш не можат да ги победат Македонците. До ден денес сметам дека тоа беше грешка на Албанците и штетата што Македонија ја преживува е огромна. Повеќе од милијарда тогашни марки беа потрошени за војната и имаме многу жртви кои загинаа бранејќи ја татковината. Имаме киднапирани луѓе, цивили, заробеници... во секој случај, ние претрпевме огромна штета. 

Илинден: Што би порачале за нашите слушатели? Каков период ја очекува Македонија? 

Ангелов: Во бомбите можевме да видиме дека режимот се однесува налудничаво. Ги повикувам вашите слушатели да ги побараат бомбите и да ги слушнат. Може да го слушнат Груевски за сите негови криминалии, заедно со Мијалков, Јанакиевски и други. Затоа, повикувам на протести и да го срушиме тој режим.

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на