wrapper

Флеш вести

Петок, 22 Април 2016 01:55

ИНТЕРВЈУ СО СТРАШКО ОЛУМЧЕВ, ОСНОВАЧ НА ВМРО - ДПМНЕ

Потребна е прецизна и нова македонска доктрина која ќе се базира на старите принципи - Мора да се смени нешто од корен.

 

Почитувани слушатели на радио „Илинден“, добредојдовте во уште една наша емисија. Денешен специјален гостин е господинот Страшко Олунчев, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и многу други функции во партијата.

На почетокот, ви благодарам што дојдовте во Скопје за да го снимиме интервјуто и ви посакувам добредојде на фрекфенцијата на радио „Илинден“. 

Олумчев: И јас се заблагодарувам на поканата и еве ја користам приликата да ги поздравам Македонците ширум светот. Да ви кажам, јас сум еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ од 1990 година, член на првиот централен управен одбор кој ги донесе најважните одлуки за иднината на Македонија, како и кандидат за пратеник. 

Илинден: Ние, како медиум ве следиме на социјалните мрежи за се што пишувате и коментирате, па како се чувствувате сега по толку години од формирањето на партијата? Со какви цели, идеи и чувства ја формиравте оваа партија во тоа време? 

Олумчев: Малку е контроверзно прашањето од причини што нема шанси да се направи споредба меѓу ТОГАШ и СЕГА. Во тоа време излезе на површина желбата на народот за сопствена држава и јасен идентитет.

Денес, после сите овие случувања и посебно она што се случи во ВМРО ДПМНЕ, не можам да кажам дека работите одат во добра насока од причини што партијата и државата се узурпирани до тој степен што македонизмот се користи само како популизам од нивна страна и од страна на некои луѓе кои служат како нивни мегафони. Меѓутоа, од позадина постапките кои се правени кажуваат нешто друго. Сите ние слушнавме како некој министер за надворешни работи директно разговара со премиерот на државата за тоа како придавки и додавки да му се стават на името.

Тие работи се манифестација на политички дилентатизам. Човек патриот нема да помисли на такво нешто, а не пак да дискутира. Па се спомна и референдум. А за каков референдум зборуваме ние тука? Па ние имавме референдум во 1991 година и народот јасно го кажа своето мислење. Зборот ми беше, тоа денес и тоа тогаш нема допирни точки. 

Илинден: Дали вие си ја сакате државата, партијата и дали се уште во вас тлее идејата? И зошто сте на удар од повеќе групи? 

Олумчев: На удар сум и тоа е повеќе од јасно, но нели рековме дека сме парламентарна демократија? Нели секој човек има право на говор? Кој е тој да ме лимитира во сопствените мислења и ставови? Јас знам колку ја сакам Македонија и јас никогаш не сум помислил да се држат преговори и да се манипулира со името. Значи, зборувам во насока на тоа дека секој Македонец по крв и по род такво нешто отфрла од старт. Македонскиот идентитет е еден и единствен и тука завршува приказната.

Илинден: Во некој од вашите постови го спомнувате пописот на државата како една од грешките. Зошто мислите дека е грешка? 

Олумчев: Тоа не е грешка. Најголемата грешка беше направена затоа што пописот беше прекинат. Да бидеме на чисто, ако се вратиме назад низ годините, ќе дојдеме до едни фрапантни податоци дека во времето на Киро Глигоров, Бранко Црвенковски и Фрчковски се доделени гратис 180.000 државјанства за Албанците од Косово. Истите тие буквално се вклучени во електоратот и целокупниот живот, како политички така и економски. Проблемот настанува затоа што истите тие 180.000 државјанства значат демографски бум.

 Тоа е злосторство против Македонија. Кој сака нека го брани Глигоров и политичарите кои 26 години работеа на растурање на македонското национална ткиво, сепак јас нема да се согласам со тоа и нема да го прифатам. Тие беа појдовна основа за гостиварските настани во 1997 година. Исто така, појдовна основа за војната во 2001 година која зеде 68 македонски животи. Истите тие ни формираа партии и ги уценуваа нашите квази политичари кои се подготвени на отстапки само за да останат на власт.

Јас со таквото политичко однесвање нема да се согласам никогаш. Ако не можат да му се спротивстават на Али Ахмети и албанското лоби, тогаш нека го напуштат своето работно место. Ова важи и за Никола Груевски и за Зоран Заев, затоа што овие двајца се најактуелни на македонската политичка сцена. 

Илинден: Колку истомисленици во Македонија има како вас? 

Олумчев: Голем дел од народот. Кажете ми еден нормален човек кој може да прифати такво однесување. Убиваа, палеа, силуваа, а истите тие беа наградени со амнестија и им беше дадено место во политичкиот живот. Еден дезертер од АРМ, Талат Џафери, дезертираше од армијата и замина во планините за да пука врз Македонците.

Но, тој беше награден и именуван за министер за одбрана. За сметка на бранителите, за сметка за сите што излегоа да ја бранат татковината, сега мизеруваат и се отфрлени од политичките елити и општеството. Три години Горан Стојков се држи во притвор без обвинение и никој не знае што да се прави со него. Нели е срамота?  

Илинден: После пописот, треба да се спомне и Рамнковниот договор за кој што имате став. Тука го поврзувате и Пржинскиот договор. Што значи тоа за Македонија? 

Олумчев: Рамковниот договор значи капитулација на Македонија. Во војна што ја добивме, политичарите потклекнаа и ја изгубија војната. Политичарите потпишаа капитулација на Македонија и со тоа го смени целокупниот национален чекор на народот. Наместо ние да одиме напред и да ја градиме земјата, ние денес се расправаме со албанскиот фактор кој никогаш не знае за доста.

Поентата на сето ова е дека постојат држави низ светот во кои претседателите, министрите, премиерите не смеат да чепкаат и да се договараат со никој. Кажете ми вие денес со што се соочуваме? Имаме еден неуспешен атентат врз претседател, другиот претседател ни почина под сомнентелни околности, да не го забораваме и првиот министер за внатрешни работи кој исто така се соочи со сомнителни околности.

Па, ве молам кажете ми, каква држава сме ние кога главните фигури немаат сопствена безбедност? Покажано во пракса, со што се соочуваме ние? Македонија стана центар на известувачките служби во цела Европа. Ние сме крстосница од каде што рефлектираме кон Блискиот Исток, Северна Африка и Европа. Од тие причини, ние сме премногу мала земја, но премногу важна бидејќи историјата ни го дава тоа. Премногу го имаме задолжено светот, но сето тоа ни се враќа со лошо. Македонец не може да биде Грк. Точка. 

Илинден: Можеби има приказна во економијата? Како гледате на тоа? 

Олумчев: Ако мислите на финансиски манипулации и ако тоа го сметате за економија, тогаш сте во голема заблуда. Дојде ден во Македонија главна претквалификација да бидеш кандидат на партиска листа мора да бидеш успешен. За успешен човек се подразбира оној што ја украл фирмата или некој на нелегален начин стекнал капитал. Па наместо да биде во прогон, тие го ставаат на висока позиција за од повисоко место да може да манипулира со народот.  

Илинден: Имате релации со Нестор Огинар, кој е член на форумот и член на Светскиот македонскиот конгрес. Какви се вашите релации? 

Олумчев: Професорот Огинар и јас сме многу блиски пријатели. Од тие причини тој не е само дел од форумот и потпретседател на македонскиот конгрес, тој раководи со светскиот македонски конгрес за Северна и Јужна Америка. Зборуваме за човек кој своите патриотски побуди ги изразува јасно и гласно.

Тој не калкулира и не прикажува дволични работи. Тој ја сака Македонија, а јас забележав неколку напади врз неговите ставови, но едно треба да биде јасно: Она што ќе го напише Нестор, не е случајно. Тој има премногу заднина и сам го зема македонското знаме и застана пред зградата на Обединетите нации.

Сам се спротивстави во името на македонскиот народ. Тој има видео средба со Метју Нимиц каде јасно и гласно му кажа дека му носи порака од македонскиот народ. Еден политичар кажете ми што некогаш застанал пред светот со толку јасни ставови. Сите потклекнаа, а во овие моменти се решава македонското прашање дали ќе не биде или не. Партиите постојат затоа што постои Македонија, а Македонија не постои за да постојат партиите. 

Илинден: Што може да очекуваме од Светскиот македонски конгрес? 

Олумчев: Присуствував на првото генерално собрание во 1991 година во Универзалната сала. И таму имаше некои работи кои не ми се допаднаа. Тогашниот претседател на државата Киро Глигоров организираше уште еден Светски македонски конгрес, па вистината мора да се каже во интерес на народот.

Премногу учен кадар има во конгресот, па како си дозволуваат во овие моменти да не излезе претседателот Тодор Петров и јавно да каже СТОП во името на Македонија. Летово треба да имаат конвенција, а јас добивам сигнали дека сите оние кои се контра Груевски треба да бидат тргнати од таму. Ако е тоа точно, јавно го повикувал Тодор Петров да не се дрзне да тргне по патот на ерозија и да го уништува конгресот. Тие луѓе со него минаа 26 години и тој треба да ги цени и почитува нивните ставови. Ако е претседател, тоа не значи дека е најпаметниот таму. 

Илинден: Како да реагираат иселениците кога до нив пристигнуваат селектирани вести и затоа немаат реална слика за случувањата во Македонија. Што би им препорачале вие? 

Олумчев: Тоа не се иселеници и јас не можам да ги наречам дијаспора. Тоа се наши луѓе, Македонци, кои животот и маката ги натерала да заминат далеку од татковината по парче леб. Некои луѓе велат дека тие се иселени и дека немаат право да се мешаат во нашите животи, но тие сепак се нашиот идентитет, нашето ткиво.

Борбата на македонската кауза е поврзана со духовното обединување на Македонците, како тука, така и ширум светот. Пораката е јасна, се што имам да кажам е нашиот народ каде и да е, тој си ја сака Македонија. Да не потпаѓаат под влијание на политичари кои се бават со гневна политика. Протести, контра-протести. Против кого и против што? Гледам вандализам низ Скопје. За тоа како се изградени тие споменици може да каже судот и виновникот ќе полага сметки. Не може секој човек кој ќе помине таму да фрла и да удира врз македонската историја. Така не се сака државата. Потребна е прецизна и нова македонска доктрина која ќе се базира на старите принципи. Мора да се смени нешто од корен. Посебно тоа што ќе се случува во Виена на средбата на четворицата лидери од Македонија. 

Илинден: Дали се става уште една јамка околу вратот на Македонија? 

Олумчев: Да бидам искрен, после се што се случи, видов и слушнав, ние сме виновни затоа што нашиот избор е неквалитетен. Стабилен политичар нема да дозволи да дојде некој од страна и да се меша во внатрешноста на Македонија. Само човек кој има лоша заднина и не е чист ќе прифати условување и закани и секакви притисоци.  

Илинден: Вашата порака за сите Македонци? 

Олумчев: Форумот на слободоумни патриоти како главна цел го има враќањето на идеолошкиот признак на ВМРО ДПМНЕ и ставовите кои што ги изнесовме уште на самиот почеток, па затоа го повикувам членството на партијата да ни се придружат во настојувањата. Не може партија која е узурпирана да работи против интересите на македонскиот народ. Не може партијата да биде раководена под диктат на еден човек.

Таа партија треба да работи за интерес на народот, а не за интерес на поединци кои денес раководат со неа. Доколку Заев и Груевски не се способни да излезат од оваа криза, а исто и Иванов со таа глупост што ја направи со аболицијата не е подготвен и не знае како да излезе од кризата, под итно да си поднесат оставки. Во името на македонскиот народ го барам ова. Со една лоша одлука го изнесе целиот народ на улица. Во прашање е сигурноста и безбедноста на народот, а такво нешто политичари не смеат да си дозволат. Тие треба да работат на обединување на македонскиот народ, а не на поделби.