wrapper

Флеш вести

Понеделник, 20 Февруари 2017 19:45

Изборите и техничката влада ги „изедоа“ субвенциите

„Исплатата на субвенции е нестабилна, но секогаш се интензивирала пред избори“, потенцираа од Светска банка.

Земјоделците се подготвуваат за раната пролетна сеидба, но голем дел од нив сѐ уште ги немаат земено субвенциите за минатата година. Според надлежните институции, веќе подолг период постои законска пречка да се исплатуваат субвенциите, а според земјоделците, овие пари им се неопходни, особено бидејќи изминатиов период беа соочени со големи временски непогоди - поплави и екстремно студено време.

Исплатата на субвенциите времено беше запрено лани, кога за јуни се најавија предвремените парламентарни избори, кои не се одржаа. Потоа, субвенциите повторно не се исплаќаа на крајот од ноември и на почетокот на декември, поради изборите што се одржаа на 11 декември. Иако од изборите поминаа повеќе од два месеца, касата за исплата на субвенции сѐ уште не е во функција. 
Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, од вкупната сума предвидена за директни плаќања во земјоделството за 2016 година во износ од 89,7 милиони евра, досега се исплатени околу 34 милиони евра. Исплатени се дел од поледелските култури, дел од лозовите насади, млекото и штетите од поплавите. 

„Согласно со Изборниот законик, исплатата на субвенции се запира 20 дена пред почетокот на изборната кампања односно 40 дена пред денот на изборите, па сѐ до формирањето нова влада по изборите. Од тие причини, не сме во можност сѐ уште да вршиме исплати, ниту, пак, бевме во можност да го почитуваме Календарот на исплати“, соопштија од Агенцијата. 
Според регулативата за исплаќање субвенции, пак, исплатата за тековната година се врши до крајот на годината, освен за земјоделското производство што е наменето за преработка, за кое субвенциите се плаќаат до крајот на јуни, наредната година.

Производителите на лебното жито тврдат дека се во таа група што сѐ уште не зела субвенции. Тие посочуваат дека минатата сезона им заврши катастрофално затоа што пченицата се откупуваше по најниска цена досега, односно по 6 до 9 денари за килограм, а нивните производни трошоци беа повисоки.

Претседателот на здружението „Клас“ Перо Стојковски вели дека земјоделците се незадоволни од Министерството за земјоделство, но најголем дел од нив се плашат јавно тоа да го кажат.

- Зошто постои Министерство за земјоделство, ако не ги штити правата на земјоделците? Не се согласувам со оправдувањата дека сега субвенциите не можат да се исплатуваат поради тоа што владата била техничка. Па и во сегашни услови постои Министерство за земјоделство, таму работат луѓе и им се исплатуваат плати. Не може субвенциите да се исплатуваат кога некому ќе му текне! Исплатата треба да има логика. Сега се врши прихрана на земјоделските култури и сега ни се потребни парите, исто како што ни се потребни кога се врши и сеењето. Само со правилна политика во субвенционирањето ќе се остварат вистински ефекти - вели Стојковски. 

Земјоделците добиваaт за пченицата по 8.000 денари за хектар.

Производителите на градинарски култури сметаат дека се најзасегнати од тоа што не примија субвенции. Тие посочуваат дека ниските температури им нанеле штети и големи трошоци при производството на раноградинарските култури.

- Земјоделската политика треба да ја кројат луѓе што се образовани за оваа дејност и што добро го познаваат земјоделието. Затоа јас велам дека и меѓу пратениците требаше да има неколку експерти за земјоделство. Бараме правилен пристап во субвенционирањето - секој земјоделец да добива пари според потребите во секторот. Најголем дел од градинарите сѐ уште немаат субвенции за лани, а нас парите најмногу ни се потребни во декември и во јануари, да купиме семенски материјал, да купиме заштитни средства и слично - вели Ристо Велков, претседател на Синдикатите на земјоделци од Струмичкиот Регион.

Според кажувањата на овоштарите, пак, производителите на јаболка имаат добиено субвенции, но и тие имаат многу забелешки за тоа како и кога се исплаќа овој износ.

- Постоеше договор со надлежните, субвенционирањето да се регулира така што регистрираните земјоделци да земаат 50 отсто повеќе пари од оние на кои тоа им е хоби или дополнителна дејност, но тоа никогаш не профункционира. Потоа се субвенционира индустриското јаболко, но само она што се предава во преработувачката индустрија во Македонија, а најголем дел од индустриското јаболко се извезува. Она што може да се забележи како тренд е тоа што откако почна да се субвенционира индустриското јаболко, нејзината цена не мрдна од 2 денара за еден килограм. Тоа отвора некои сомнежи дека можеби на овој начин државата, всушност, ги стимулира преработувачките капацитети, па производителите на јаболка добиваат само по два денарa од нив за продаден килограм и по два денара од државата како субвенција - вели Стевче Радевски, производител на јаболка од Ресенско.

Според Националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2014-2020 година, донесена од владата на крајот на 2014 година, каде што е опфатен периодот до 2013 година, во периодот од 2008 заклучно со 2013 година, предвидено било да се исплатат 595 милиони евра за субвенции, но за сите 6 години, процентот на реализација бил 82 отсто. Тоа значи дека се исплатиле 489 милиони евра, односно 105 милиони евра останале неисплатени. 

Вообичаеното образложение на надлежните е дека постојано има земјоделци што предаваат нецелосна документација, односно кои не ги исполнуваат условите да добијат субвенции. Земјоделците, пак, негодуваат дека Агенцијата многу лесно ги одбива документите.

- Кога поднесуваме пресметки за персоналeн данок, кога земјоделците грешат, тогаш тоа многу лесно им се коригира и им се наплаќа данокот. Ама, кога треба да се добијат субвенции, тогаш и за мала, тривијална грешка, тие се одбиени - вели Радевски.
„Нестабилна“ исплата на субвенции нотираше лани и Светска банка.

„Исплатата на субвенции е нестабилна, но секогаш се интензивирала пред избори“, потенцираа од Светска банка. 

Оттаму посочија и дека Македонија дава огромни износи на субвенции, несоодветно на ефектот.

Влечењето и тактизирањето на ДУИ му нанесува огромна штета на стопанството на Македонија. Техничката влада не ги исполнува обврските кон бизнис-секторот, изјави претседателот на Регионалнатa стопанска комора - Скопје, Горан Рафајловски, во рамките на тркалезната маса на одбележувањето на 95 години Стопанска комора на Македонија, што се одржа во петокот во Скопје.

Според него, приоритет на новата влада треба да биде враќање на долгот.

– Новата влада сериозно треба да се потруди да ги врати долговите на државата кон јавните претпријатија и компаниите, при што треба да позајми околу една милијарда евра за стопанството да профункционира – потенцираше Рафајловски.

Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, истакна дека идната влада треба да го воспостави јавно-приватниот дијалог со бизнис-заедницата.

– Недостасува имплементацијата на законите и вклучување на бизнис-заедницата во интеграција на законите – додаде Азески.

Заменик-генералниот директор во рудникот „Бучим“, Николајчо Николов, изјави дека во овој период стагнира развојот на бизнисот.

– Производството на руда е нормално и зависи од луѓето што работат таму. Но издавањето дозволи за концесии и други дозволи не функционира. Во последните 40 години не е изграден ниту еден рударски капацитет – додаде Николов.
 

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на