wrapper

Флеш вести

Понеделник, 20 Март 2017 20:37

Милиони лажни евра откриени во регионот

Илјадниците фалсификувани евра што во изминатиот период беа откриени во земјава и регионот, како и неколкуте „помали“ регистрирани случаи во кои беа пуштани во оптек лажни денари, сериозно ја наметнаа загриженоста на институциите и во јавноста за опасноста од кружење на фалсификувани банкноти помеѓу граѓаните.

Продавници во западна Македонија се едни од последните што ги регистрира полицијата како места каде што граѓани пазареле со фалсификувани пари. Токму продавачите во колонијалните продавнички, како и таксистите, пазарџиите на зелените пазари, вработените во прометните трафики, според добро упатени полициски извори, се целта на кои фалсификаторите најчесто се обидуваат да ѝ подметнат лажни пари. Причина е тоа што плаќањето се врши брзо, па жртвите немаат време да ја забележат измамата. 

Борбата со фалсификувани банкноти е сериозен предизвик и на меѓународен план, каде што покрај „ситните“ фалсификатори, неретки се и активностите на организираните криминални групи. 
За сериозноста на овој проблем алармот го вклучуваат и официјалните статистики, како што се оние што може да се пронајдат во извештајот на Европската централна банка (ЕЦБ).

Оттаму, на пример, во првиот полугодишен извештај за минатата година соопштија дека само во период од шест месеци биле повлечени од оптек над 330 илјади фалсификувани банкноти во Европа.
Од нив, според ЕЦБ, дури 80 отсто биле банкноти во апоени од 20 и од 50 евра.
Токму „ситните“ банкноти се и најчестите што се фалсификуваат, па поради тоа неодамна беа воведени и дополнителни безбедносни ознаки на нив.

Во Македонија, пак, во последните неколку случаи најчесто како фалсификат се појавуваше илјадарката, но исто така во земјава беа запленувани и евра.
Еден од последните вакви случаи регистрира Царинската управа на Република Македонија, чии вработени на граничниот премин Табановце открија 27.700 фалсификувани евра, кои требало да бидат изнесени од земјава во Србија.
Парите биле пронајдени во автомобил со српска регистрација, управуван од Србин.

- При контролата на возилото и патникот, во потпирачот помеѓу предните седишта, во врзано снопче со ластик замотани во бела хартија биле пронајдени девизи. Царинските службеници забележале дека има 39 банкноти во апоени од по сто евра со ист сериски број, понатаму увиделе и оти 39 банкноти од по 200 евра имаат ист сериски број, како и дека 32 парчиња во апоени од по 500 евра исто така имаат ист сериски број - соопштија  од Царинската управа.

Пронајдените пари ги прегледале и со ултравиолетова ламба, по што било констатирано дека девизите се со лош квалитет и се фалсификувани. Како што соопштија оттаму, Србинот веднаш бил приведен и предаден на инспекторите од Одделението за истраги за да се преземат другите предистражни дејства.

- Од спроведената предистражна постапка се собрани докази што укажуваат оти осомниченото лице фалсификуваните евра ги подготвило само и ги испечатило со печатач во боја на обична хартија, а истото тоа е потврдено од страна на Народната банка на Република Македонија при вештачењето на парите - известија од Царината.

На осомничениот фалсификатор му била поднесена и кривична пријава, а од Основниот суд-Куманово му биле одредени мерки за претпазливост, односно одземен му е пасошот и има обврска двапати неделно да се пријавува во судот.
Ова не е единствениот случај во регионот овој период. Многу поголема заплена минатата недела реализираа властите во Косово. Тамошната полиција, исто така во автомобил, на граничниот премин со Албанија пронашла лажни пари во вредност од два милиони евра, кои биле во банкноти од по 500, 200, 100 и 50 евра. Ова, како што пренесоа медиумите, била и најголемата заплена во последните две децении во Косово.

За овој случај косовската полиција привела двајца странци, едниот од Албанија, другиот од Камерун. Тие во своите торби носеле и дел од својот „прибор“, односно три илјади листови хартија и хемикалии за печатење.
Една од рекордните заплени во последните неколку месеци во Европа исто така беше реализирана на Балканот. Во октомври во Бугарија беше организирана полициска акција поддржана од Европол, при што беа откриени повеќе од три милиони фалсификувани евра. Нив ги произведувала меѓународна организирана криминална група, чии осум члена исто така беа уапсени. Сумата од три милиони лажни евра била запленета во куќи во Софија и во Пловдив, а според она што го соопшти Европол, фалсификуваните пари што ги произведувала групата биле откриени речиси во сите земји-членки на Европската Унија.

Покрај ваквите случаи, со поголеми заплени во земјава и регионот, периодов беа обелоденети и низа „помали“ случаи од македонската полиција, од каде што поднесоа неколку кривични пријави за осомничени граѓани дека пазареле со лажни денари. Во два одделни случаи, на пример, беа пријавени маж и жена од охридското село Лескоец. Жената во продавница во Битола плаќала со фалсификувани илјада денари, а случајот се откри откако по сомневањата анализа на банкнотата извршиле и од Народната банка на Република Македонија.

Мажот, пак, исто така со лажна банкнота од илјада денари си купил цигари во продавница во струшката населба Плитишта. Успеал да плати со фалсификуваната илјадарка, но вработената сепак се посомневала и пријавила. Нејзините сомнежи ги потврдиле и надлежните, кои исто така утврдиле дека ова не е првпат истиот осомничен да плаќа со лажни банкноти, односно дека во оптек пуштил повеќе фалсификати, пазарејќи во повеќе продавници во Охрид, Струга, Битола и во Прилеп.
И двајцата се осомничени за кривичното дело фалсификување пари, за кое, според Кривичниот законик на Република Македонија, следува затворска казна од една до десет години. Како што се вели во законот, санкција следува и за тој што прави, пушта во оптек и за тој што набавува лажни пари.

- Ако поради делата дошло до растројство во стопанството на земјата, тогаш сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години - пишува во законикот.
Водејќи се според полициското искуство од минатите неколку години, на годишно ниво во земјава се откриваат осумдесетина вакви кривични дела.
За лажните банкноти е предвидени и нивно одземање и уништување. 
Токму повлекувањето од оптек и криминализацијата на ова дело, односно постоењето на законски казни, во теоријата за криминалистиката се наведуваат како едни од мерките за борба против фалсификаторите. Развојот на технологијата и денешната  достапност до сите нови иновации и техники, исто така како превентива за заштита од овој криминал, ја налагаат и потребата од висок технички квалитет на банкнотите, како и обука на службениците, на пример вработените во банките и поштите, за да можат да ги разликуваат лажните од вистинските пари.

Во насока за подобар квалитет на банкнотите, односно отежнување на работата на фалсификаторите, во изминативе неколку години низа земји почнаа да користат и пластични пари, кои, според експертите, се посигурни и потешки за фалсификување отколку книжните. Една од последните беше Велика Британија, каде што во септември беше пуштена во оптек првата пластична банкнота од пет фунти. Тамошната Централна банка најави излегување на 440 милиони примероци. За ваков чекор Британците се одлучија уште пред четири години, кога ја најавија ваквата одлука, по што во јуни лани првпат во јавноста ја презентираа банкнотата од пет фунти со ликот на Винстон Черчил, која од септември почна да се употребува.
Се очекува пластичните пари до крајот на годината да станат реалност и во Македонија, бидејќи пред нецел месец излегоа информации дека надлежните институции се подготвуваат до крајот на годината на македонскиот пазар да пуштат во оптек пластични банкноти во апоени од 10 и од 50 денари. Инаку, книжните веќе престанаа да се печатат уште во 2013 година, кога започна употребата на кованите монети.
 

 
 
КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕТЕ ЛАЖНА ЕВРОБАНКНОТА
 
За спречување на овој криминал, Европската централна банка (ЕБЦ) има објавено и прирачник, за кој, како што наведуваат, може да им користи на сите граѓани и ќе им помогне да ги препознаат фалсификатите без разлика дали се на улица или на работно место.
Првата работа наведена во прирачникот е токму разликата во составот на хартијата, кој кај вистинските евра содржи памук. 
- Поминете со прстот низ предната страна на банкнотата и ќе почувствувате дека некои елементи се испакнати и мастилото е погусто. Кај лажните, хартијата е мазна односно недостигаат овие елементи - советуваат од ЕЦБ.
Разлики има и во водениот печат. Тој се прави преку варијација на густината на хартијата и се забележува ако ја држите банкнотата под одреден агол на обична светлина, а ако се постави на темна површина, тој станува потемен. Ваквиот импровизиран жиг, пак, најчесто се печати врз хартијата и е потемен од површината околу него, а премините од темни во светли подрачја се многу остри.
Граѓаните може да препознаат и ако обрнат внимание на безбедносната лента, советуваат познавачите, која е вградена во банкнотата.
- При држењето на банкнотата наспроти светлината, ваквиот жиг се забележува како темна линија, во која, на пример, кај еврото со мали букви е испишан зборот „еуро“. Кај лажните пари ваквиот жиг најчесто го нема, се гледа само зеленкасто-црна линија, која не потемнува кога се држи наспроти светлината - пишува во прирачникот, каде што нагласуваат дека кај новите банкноти за 5, 10 и 20 евра зборот „еуро“ е заменет со знакот €.
Микропринтот е уште еден елемент по кој може да се препознае лажна или вистинска банкнота. Тој изгледа како тенка линија, се гледа со голо око, но може да се прочита само под лупа. Ако станува збор за вистинска банкнота, и покрај малите димензии, кога ќе се стави под лупа, тоа е читливо и остро, а не е замачкано како што е случај со лажните пари.
Помеѓу еден од советите е и бојата со која е испечатена бројката на банкнотата, која со движење на банкнотата се менува кај оригиналите, а кај фалсификатот останува иста.

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на