wrapper

Флеш вести

Четврток, 06 Април 2017 23:07

Македонците за Велигден во Дубаи, а во Охрид доаѓаат Грци и Бугари

Анталија, Дубаи, Париз, Москва, Прага, но и Малта, Шри Ланка, Бангкок се дестинациите каде што Македонците ќе патуваат за претстојните празници. Грција и Бугарија се неизбежни за овие празници. Туристичките агенции велат дека аранжманите веќе се продадени, а цените се прилагодени за сечиј џеб. Во земјава, пак, за празниците ќе престојуваат Грци, Бугари, Срби, моментално престојуваат Израелци, а на 5 мај доаѓаат и Холанѓани.

- Вообичаено, во овој период веќе се направени резервациите за претстојните празници. За Велигден веќе е продадена Анталија. Има интерес и за Дубаи, но не заостануваат ниту европските градови. Москва е сѐ поинтересна и стандардно Македонците патуваат за Париз, Прага, Венеција – вели Славе Сирачевски од туристичката агенција „Аурора“.

Последниве години, аранжманите се поевтини со оглед дека имаме евтин авионски превоз за повеќето дестинации, но има и аранжмани со автобуски превоз.

Од Туристичките агенции велат дека цената на аранжманот зависи од тоа колку дена се престојува и квалитетот на хотелското сместување, дали се патува групно или поединечно. Се нудат и промотивни цени, но цените се движат од 220 евра до 1.300 евра.

Дел од граѓаните, пак, се одлучија да поминат празничен викенд и во земјава. Берово е меѓу топ дестинациите, но не се забораваат ниту езерата. Хотелите во Охрид и во Струга веќе се распродадени.

- Со овие празници, годинава почнува и сезоната. Почетокот е солиден бидејќи хотелските капацитети веќе се ангажирани за туристи од Грција, Бугарија и Србија. Деновиве престојуваат и тури од Израел кои ќе бидат присутни и за празниците, а од 5 мај веќе доаѓаат холандските гости. За празниците вообичаено имаме и гости од земјава, па верувам дека почетокот на сезоната ќе биде успешен - вели претседателот на Асоцијацијата на хотелиери, Крсто Блажески.

Според туристичките работници, на охридското крајбрежје годинава се очекуваат помал број холандски гости, а повеќе од други земји.

- Холанѓаните имаат можност во последен момент да се премислат. Изминатите две години имавме лошо искуство со Холанѓаните поради бегалската криза, па затоа годинава се ориентиравме кон гости од други земји. Сега ги имаме израелските, но има и од други земји – вели Блажески.

Хотелиерите, сепак, очекуваат стартот на сезоната да биде успешен и покрај политичката криза и најавата за нов бегалски бран.

- Се надеваме дека политичката криза ќе биде надмината, а институциите ќе почнат да работат, за да можат да го менаџираат најавениот бегалски бран – додава Блажески.

Сепак, најголемиот дел од македонските граѓани ќе останат дома бидејќи Велигден го сметаат за семеен празник.

- Добро е да се патува за празниците има добри аранжмани, но нашиот стандард не е ниту за домашно празнување, а камо ли за патување. За Велигден остануваме дома, можеби ќе одиме до Охрид или Дојран, ако послужи времето - вели Јована С. од Скопје.

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на