wrapper

Флеш вести

Петок, 07 Април 2017 20:34

Политичките сопирачки економски нѐ уназадија

Македонската економија годинава ќе има пораст од 2,8 отсто, што би било најниско остварување во споредба со земјите од регионот, предвидува Светска банка во најновиот регионален извештај за земјите од Западен Балкан. 


Во извештајот се наведува дека порастот значително забави како последица на намалените инвестиции што беа погодени од политичката криза, а главен двигател на порастот е финалната потрошувачка, поткрепена од подобрувањето на пазарот на трудот и повисоките плати, како и трансфери од јавниот сектор. 
Економистот во канцеларијата на Светска банка во Македонија, Бојан Шимбов, вели дека фискалниот дефицит се намали, но на сметка на намалените капитални инвестиции.
- Уделот на капитални инвестиции се намали, додека тој на тековните трошења се зголеми во 2016 година, а 30 отсто од вкупните трошоци на Владата се за пензии - нагласува Шимбов.

Остварениот пораст, според извештајот, продолжи да придонесува кон креирање работни места во Македонија, но коавторот на извештајот Марко Хернандез наведува дека 80 отсто од креираните нови работни места се со активни политики на Владата што имаат фискални импликации.
- Втора област што придонесува кон намалување на невработеноста се вработувањата во јавната администрација и тие, заедно со вработувањата во образованието и здравството, ќе бидат на прво место. Нови работни места се креирани и во странските директни инвестиции што се исто така субвенционирани - вели Хернандез.

Тој порача дека треба да се направи анализа во одржливоста на овој модел на креирање работни места.
Од Светска банка нагласуваат дека се потребни фискална консолидација и структурни реформи за да се стабилизира јавниот долг, кој, како што беше истакнато, продолжил да расте во 2016 година.
- Долгот на Македонија се зголеми, што е загрижувачко, но не толку како во некои други земји во регионот и не е на ниво што би укажало на некаква криза или проблем во сервисирањето - воочи Елен Голдстин, регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан, која додаде дека земјата треба да се фокусира на намалување на тековните трошења на сметка на зголемени инвестиции и забавување на порастот на задолжувањето.
Како ризици во извештајот се наведени намалена продуктивност, односно ефикасност при искористување на физичкиот и човечкиот капитал, стареење на населението, кое ќе доведе до натамошно намалување на придонесот на трудот кон порастот, намалување на активното население, особено младото население, и намалување на едуцираното население.

Од Светска банка сметаат дека инвестициите во инфраструктура и променетата извозна структура може да доведат до подобрување на продуктивноста доколку структурните реформи почнат и бидат успешни.
Во регионалниот извештај се наведува дека земјите од Западен Балкан растат со побрз чекор отколку во 2015 година, со тоа што регионалниот пораст е предвиден на 2,8 отсто во 2016 година, односно 3,2 отсто во 2017 година. Забрзаниот пораст во Албанија и во Србија го надомести послабиот пораст во Црна Гора и Република Македонија, додека, пак, иако порастот во Косово забави во 2016 година, сепак оваа економија и понатаму забележува најбрз пораст. 

Повеќето нови работни места и ниските цени придонесуваат за намалувањето на сиромаштијата во регионот, со тоа што просечните стапки на сиромаштија се намалија речиси за два процентни поена во Албанија, Македонија, Црна Гора и во Србија во 2016 година, што заедно со други придобивки придонесе за извлекување на околу 240 илјади луѓе од сиромаштијата во изминатите три години.
- Закрепнувањето на порастот во Западен Балкан забрза во 2016 година, со охрабрувачки намалувања на невработеноста и сиромаштијата. Порастот и вработеноста се зголемија, особено во земји што остварија значителен напредок во намалувањето на фискалните дефицити, справувајќи се со наследството на голема и неефективна држава и подобрувајќи го опкружувањето за домашни странски инвестиции - истакна Голдстин.
Таа додаде дека, и покрај ваквиот напредок, пазарот на трудот и понатаму претставува предизвик во земјите од Западен Балкан, со тоа што стапката на невработеност се движи околу 22 отсто во 2016 година.

Од Светска банка велат дека одржливите реформи беа делотворни во однос на привлекувањето приватни инвестиции, стабилизирање на јавниот долг и зголемување на приходите на домаќинствата. Порастот, како и надворешниот и фискалниот биланс на земјите што ги одржаа реформите, исто така е подобрен, со што се зајакна нивната отпорност на можни економски потреси.
- Забележавме подобрување на фискалните биланси во регионот на Западен Балкан. Некои од земјите го остварија ова истовремено штитејќи односно зголемувајќи ги инвестициските трошења, што, пак, ќе придонесе за одржување односно забрзување на порастот во иднина - вели Екатерина Вострокнутова, коавторка на извештајот.
Како што додаде Марко Хернандез, другите земји, пак, ги намалија своите дефицити со намалување на инвестициите, иако ги зголемија платите, пензиите, трансферите и субвенциите, што неповолно ќе влијае на идниот пораст.

Според извештајот, за одржувањето на порастот во земјите од Западен Балкан и справувањето со тековните предизвици поврзани со невработеноста, земјите треба да продолжат по патот на реформите. Поконкретно, потребни се понатамошна фискална консолидација и структурни реформи во сите шест земји за да се подобри ефикасноста на јавните сектори и да се зголеми конкурентноста на нивните економии, со цел да се унапреди развојот на приватниот сектор. Во извештајот се нагласува дека реформите треба да се фокусираат на областите на пазарите на трудот, деловното опкружување, ефикасноста на јавниот сектор и глобалната интеграција, но истовремено и да се осигури одржливата употреба на енергијата и природните ресурси.

 
 
 

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на