wrapper

Флеш вести

Четврток, 27 Април 2017 22:46

ФРАПАНТЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ЕКОНОМСКИТЕ ШТЕТИ НА ЕМИГРАЦИЈАТА

Егзодус :  20 милиони луѓе отселени од Источна Европа и Балканот за 25 години

Во периодот од 1990 до 2012 година над 20 милиони луѓе емигрирале земјите на Источна, Централна и Југоисточна Европа. Најголем дел од нив биле млади и високо едуцирани и обучени луѓе кои заминале во западноевропските земји членки на ЕУ барајќи подобра работа, покажува најновиот извештај на ММФ кој ги анализира сите економски ефекти кои емиграцијата ги предизвикува. Најголеми губитници се земјите кои ја губат најдобро обучената и едуцирана работна сила, која, пак, придонесува за зголемување на економскиот раст и приходите во земјите на Западна Европа
Македонија, од каде досега се иселиле над 600 илјади луѓе, е дел од оваа тажна приказна за иселеничкиот егзодус. Фактот што околу 500 илјади луѓе во државата живеат во сиромаштија, а политичките елити немаат капацитет ниту волја да изградат држава со квалитетни и силни институции, укажува дека белата чума ќе продолжи засилено да ја уништува Македонија.

Во периодот од 1990 до 2012 година над 20 милиони луѓе емигрирале земјите на Источна, Централна и Југоисточна Европа. Најголем дел од нив биле млади, високо едуцирани и обучени луѓе кои заминале во западноевропските земји членки на ЕУ барајќи подобра работа, покажува најновиот извештај на ММФ кој ги анализира сите економски ефекти кои емиграцијата ги предизвикува.

Експертите на ММФ констатираат дека емиграцијата од овие региони во изминативе 25 години била невообичаено голема, постојана и во неа доминирале високо едуцирани и млади луѓе, што го намалило економскиот раст, продуктивноста и конкурентноста на економиите.

По падот на Железната завесa во раните 90 година, следните 25 година овој регион беше зафатен со постојана емиграција кон западните земји. Изминативе 25 години, близу 20 милиони луѓе се проценува дека ги напуштиле земјите од Источна, Централна и Југоисточна Европа, што е 5,5% од вкупната популација во истражувањето на ММФ, кое ги анализира ефектите на емиграцијата врз приватниот сектор, конкурентноста, јавните финансии и економскиот раст на земјите од регионите на Источна Централна и Југоисточна Европа, се вели дека емиграцијата довела до позитивни резултати и корист лично за емигрантите, но посебно за земјите приматели. Истражувањето покажува дека западноевропските земји биле најчеста дестинација за бегалците. Осум од десет емигранти од источните региони емигрирале во Западна Европа, односно во Германија, Италија и Шпанија отишле дури половина од емигрантите. Надвор од Европа, САД се главна дестинација за емигрантите, каде отишол еден на секој десет кој емигрирале од источните земји.

Економската миграција водена од индивидуалниот избор е дел од економскиот развој. Преку преселби во странство, емигрантите бараат начини како да ја подобрат својата состојба и состојбата на своите семејства кои остануваат во земјите. Но, во извештајот на ММФ се наведува дека економската емиграција која што се случува во изминатите 25 години од исток кон запад е уникатна од многу аспекти. Прво, таа е од досега невидена брзина, големина и постојаност, споредено со досегашните емиграции на било кое друго место. Второ, многу од емигрантите од источните земји се млади и високо едуцирани, што исто така досега не било случај никаде на друго место, поклопувајќи се во исто време со трендот на стареење во многу источно-европски земји, што има далекусежни ефекти врз економијата и на продуктивноста. Трето, оваа емиграција се чини е перманентна и трајна.

Анализата направена во 18 земји членки на ОЕЦД приматели на емигранти покажува дека тие имале зголемување на БДП по глава на жител и на продуктивноста од процесите на емиграција.

Емиграцијата на високо обучена работна сила го намалува човечкиот капитал, но ја намалува и продуктивноста на тие што остануваат во земјата. Исто така, емиграцијата на млади и едуцирани луѓе има и многу високи не-економски екстерналии, бидејќи води до одлив на оние кои би можеле да бидат агенти на промените во подобрување на квалитетот на институциите.

Точно е тоа дека тие кои емигрираат праќаат дознаки на семејствата кои остануваат и дека тие во одреден дел ја поттикнуваат потрошувачката и инвестициите, но одливот на млади и едуцирани луѓе ја намалува активноста на приватниот сектор, ја намалува конкурентноста на економијата и ги зголемува социјалните трошоци на државите, заради што може да се заклучи дека емиграцијата го намалува растот на економиите.

egzodus-2-WEB

Осум од десет емигранти од источните региони емигрирале во Западна Европа, односно во Германија, Италија и Шпанија отишле дури половина од емигрантите. Надвор од Европа, САД се главна дестинација за емигрантите, каде отишол еден на секој десет кој емигрирале од источните земји.

Кои се главните причини за емиграција?

Разликите во нивото на приходи по глава на жител, во квалитетот на институциите и можностите за вработување се меѓу клучните фактори кои ја поттикнувале масовната емиграцијата. Земјите со понизок приход по глава на жител се соочиле со поголема емиграција во изминативе 25 години. Во исто време, западните европски земји со повисок доход по глава на жителпривлекле повеќе мигранти во споредба со нивните помалку посиромашни европски соседи.
Истражувањето на ММФ покажува дека за високо едуцираните кадри позначаен фактор за емиграција бил квалитетот на институциите, додека за помалку квалификуваните работници клучно за тоа дали и каде да емигрираат биле социјалните надоместоци.

Олеснувањето на условите за патување на земјите од Југоисточна Европа во периодот на европското проширување од 2004 до 2007 година, придонело за многу голем одлив на работна сила. Истражувањето покажува дека емигрантите кои емигрирале се обично помлади од оние кои остануваат во земјата, а нивното ниво на образование, пак, било повисоко од националниот просек.
Во 2010 година три четвртини од емигрантите биле на возраст од 15 до 64 години, што директно ја намалува понудата на едуцирана работна сила.


Од емиграцијата од исток кон запад, посебно на едуцираните и обучените луѓе, најмногу корист имаа земјите членки на ЕУ приматели на емигранти. Емиграцијата стана индикатор за успех на проектот ЕУ, кој слободата на движење ја гледа како неопходна за постигнување на поголема економска интеграција и за поголеми приходи.

Југоисточна Европа и Балтикот трпат најголеми штети од емиграцијата

До крајот на 2012 година, земјите од Југоисточна Европа се соочија со најголем одлив, или близу 16% од популацијата во раните 90-те години емигрирале кон некои од западно европските земји.
Она што е интересно и што го покажало истражувањето е фактот дека емиграцијата на подобро едуцираните луѓе се поврзува со слабото владеење во земјите. Затоа земјите од Југоисточна Европа, каде што борбата против корупцијата, владеењето на правото и ефикасноста на власта се послаби, се соочуваат со поголем одлив на високо едуцирани кадри во споредба со земјите од Источна Европа.
Бидејќи високо едуцираните луѓе се оние кои бараат и ги движат промените во општествата, тоа создава еден маѓепсан круг кој само ја поттикнува емиграцијата.
Поголем дел од емигрантите се високо едуцирани и млади луѓе, а нивниот егзодус само ги заостри негативните демографски трендови во овие региони. Од овие причини, бројот на жители во овие региони стагнира или се намалува.
Засега, се чини дека емиграцијата е трајна, бидејќи има само мал број на луѓе кои се враќаат назад во татковината.
ММФ предвидува дека земјите од Југоисточна Европа и Балтичките земји и во иднина ќе се соочуваат со уште посилни притисоци и негативни ефекти од емиграцијата.

Како влијае емиграцијата врз приватниот сектор?

Земјите од Источна, Централна и Југоисточна Европа веќе се соочуваат со недостаток на високо едуцирани кадри на пазарот, а тоа е посебно изразено во Балтичките земји и во земјите од Југоисточна Европа.
Од почетокот на 90-години емиграцијата ја намалувала работната сила во источните земји во просек за половина или еден процентен поен. Тоа значи дека ако не била емиграцијата, работната сила денес би била за 10% до 20% поголема од постојната.
Од друга страна, дознаките кои ги праќаат емигрантите, посебно во земјите кои зависат од ниви каде што дознаките учествуваат со над 10% од БДП, одиграле важна улога во поддршка на приватниот сектор. Но, исто така дознаките кои емигрантите ги праќаат во својата татковина ја зголемуваа веројатноста некои луѓе да одлучат да не бараат работа, со што се зголемувал делот на неактивна работа сила.
Експертите од ММФ посочуваат дека позитивните ефекти од дознаките од странство можат во иднина да исчезнат, како што со тек на времето миграцијата ќе станува трајна.
Емиграцијата исто така ја намалува и конкурентоста на економијата.  Прво, намалувањето на работната сила создава притисок за зголемување на домашните плати, бидејќи олеснетите услови за работа во странство ја зголемуваат моќта за преговарање на оние работници кои остануваат. Во истовреме, замената на обучените работници кои се отселиле оди многу бавно и создава поголеми трошоци за економијата, што ја намалува нејзината конкурентност.
Анализите на ММФ покажуваат дека продуктивноста во регионот на Источна, Централна и Југоисточна би била шест процентни поени повисока од онаа во периодот од 1995 до 2012 година, ако не била емиграцијата. Овие ефекти се многу поизразени во Југоисточна Европа.
Исто така, да не била емиграцијата економскиот раст на земјите од овие региони бил за седум процентни поени повисок во истиот период.

Експертите на ММФ прогнозираат дека емиграцијата ќе продолжи, па така како последица на емиграцијата во периодот од 2015 до 2030 година земјите од источна и Југоисточна Европа ќе изгубат дополнителни околу 9% од бруто домашниот производ, а кај некои земји таа загуба ќе биде и до 15%.
Во следните 15 години, западноевропските земји и целата Европската унија ќе бидат тие кои ќе имаат корист од овие процеси на емиграција.


Емиграцијата на високо едуцираните луѓе е силно поврзана со слабото владеење во земјите. Затоа земјите од Југоисточна Европа, каде што борбата против корупцијата, владеењето на правото и ефикасноста на власта се послаби, се соочуваат со поголем одлив на високо едуцирани кадри во споредба со земјите од Источна Европа.

 И на Македонија и се случува иселеничкиот егзодус !

Овие бројки за масовен егзодус се потврдуваат и на примерот на Македонија. Податоците од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) покажуваат дека лани само за една година, Македонија ја напуштиле најмалку 20.562 наши роднини, пријатели или соседи, што е рекордна бројка на иселени луѓе во последните 15 години. Најмногу од нив, дури 14.387 Македонци во 2013 година тропнале на портите на Германија, 1.457 се отселиле во Австрија и 1.385 во Швајцарија.
Во отсуство на единствен податок кој што евидентира колку вкупно граѓани си заминале од земјава досега, до бројот може да се дојде ако се вкалкулираат сите податоци за емиграција од меѓународните институции.
Најпрво Светската банка објави дека до 2010 година од Македонија се отселиле 447 илјади граѓани, меѓутоа, истражувањето на професорите Верица Јанеска и Сузана Борнарова во една студија за Европската Комисија докажа дека бројката, вклучувајќи ја и 2011 година е поголема за околу 97 илјади иселени во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд кои претходно не биле земени предвид во истражувањето на Светска банка.
Кога на оваа бројка ќе се додаде и бројот на отселени граѓани во 2012 и 2013 година од базата на податоци на ОЕЦД, произлегува дека бројот надминува 582 илјади луѓе.  Се уште не се познати конечните цифри за бројот на иселени граѓани во 2014 година, но податоците на Евростат покажуваат дека лани, 10.330 граѓани од Македонија побарале азил во некоја од европските земји.
Според сите овие информации, се доаѓа до бројка од околу 600 илјади луѓе кои досега ја напуштила Македонија, што е околу 30% од вкупната популација на земјата денеска.

„Регионот губи огромен дел од младото и образовано население. Албанија, Македонија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина се меѓу топ земјите според бројот на емигрантите. Една четвртина од граѓаните веќе живеат надвор од своите татковини. Слабиот економски раст, хроничната невработеност, животниот стандард еднаков на третина од европскиот просек и постојаната ранливост на надворешни кризи ги тераат луѓето да трагаат по подобри економски услови. Најголем дел од емигрантите се млади, работоспособни и генерално пообразовани отколку оние што остануваат во татковината”, пишува во Извештајот на Светската банка.

Експертите велат дека одливот на младите од земјата е голема трагедија, бидејќи како што тргнало, овде ќе останат да живеат само пензионери.

„Државата треба да сфати дека не само што губи идни ресурси туку и губи средства кои ги инвестирала во развојот и во образованието на тие млади луѓе. Бидејќи очигледно емиграцијата не запира, на долг рок ќе се соочиме не само со демографско стареење на населението, туку со екстремност на целосно стара држава, која ќе почива на пензионери и на ништо друго“, велат експертите.

Ако се знае дека во Македонија и после 24 години од независноста, повеќе од 500 илјади граѓани, односно една четвртина од населението живее во сиромаштија, а 256 илјади луѓе се невработени, се проценува дека најголем дел од нив допрва ќе спасот од бедата ќе го бараат во бегството во “ветените” ЕУ, САД или Австралија.


Минатата година иселениците пратиле 215,8 милиони долари дознаки во земјава, што е повеќе од сите странски инвестиции во Македонија кои лани изнесуваа 178,06 долари.

Печалбарите од Македонија не се враќаат назад, остануваат засекогаш во странство

Традиционалното печалбарство во Македонија веќе не постои, бидејќи се претвори во трајно иселување на македонските граѓани во странство. Помалите општини останаа со половина население, особено во зимските месеци.

Ако некогаш на печалба одел само еден човек или двајца браќа, денеска се оди со цело семејство од три генерации. Тие што заминаа, велат дека немаат намера да се вратат назад во „несредена држава“.

Тоа што иселениците не планираат да се вратат во татковината и ги повлекуваат своите семејства во странство отвора уште еден голем проблем. Економистите проценуваат дека во следните десет години, дознаките од странство, односно парите што им ги испраќаат печалбарите на своите роднини ќе се преполоват.

„Трендот покажува дека луѓето што одат на печалба, најчесто остануваат засекогаш да живеат во странство и ги повлекуваат и своите семејства. Тоа автоматски значи дека нема да имаат кому да праќаат пари во Македонија. Нивните деца што се таму родени имаат уште послаби врски со роднините во татковината, така што Македонија не може да се надева на големи приливи од странство по тој основ во иднина“, оценуваат економистите.

Ова се алармантни проценки за нас, ако се знае дека дознаките од странство важат за главни социјални и макроекономски стабилизатори. Само за споредба, минатата година иселениците пратиле 215,8 милиони долари во земјава, што е повеќе од сите странски инвестиции во Македонија кои лани изнесуваа 178,06 долари.


Какви политики треба да водат државите?

Експертите на ММФ во истражувањето предлагаат мерки и политики за да се спречат негативните ефекти од емиграцијата. Главно политиките треба да се фокусираат на следниве точки:

  • зајакнување на институциите и економските политики за да се создаде средина која ќе ги охрабрува луѓето да останат и да не емигрираат, кои ќе промовираат поврат на емигрантите и ќе привлекуваат обучени работници од други земји.
  • подобро искористување на преостанатата работна сила преку зголемување на продуктивноста
  • подобра употребливост на дознаките кои се праќаат од странство, повеќе да се трошат за инвестиции, наместо само на потрошувачка
  • ублажување на фискалните ефекти на емиграцијата. Да се прилагоди алокацијата на структурните и кохезиските фондови на ЕУ кон земјите од кои има голема емиграција за да се ублажат негативните ефекти на емиграцијата со цел да се намали економскиот и социјалниот диспаритет во ЕУ и да се поддржи одржлив развој

 

 

 

 

 

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на