wrapper

Флеш вести

Понеделник, 20 Март 2017 20:35

Битолчани шетаат по минско поле

За Битола историчарите тврдат дека за времето на Првата светска војна биле исфрлени илјадници бомби со огромна разорна моќ, кои најблаго речено направиле вистинска пустош и во целост го смениле ликот на градот. Некои од хроничарите на градот тврдат дека Битола, по Дрезден, е најбомбардираниот град во Европа. За тоа како изгледал градот пред и по бомбардирањето најдобро сведочат старите фотографии и филмски кадри, кои битолчани можеа да ги видат за време на снимањето на играниот филм „Ослободувањето на Скопје“, на Раде и на Данило Шербеџија.
Според историчарите, најголемиот број од исфрлените бомби над Битола направија вистински пустош во градот и предизвикаа смрт на голем број битолчани. Но голем број од бомбите останаа неексплодирани и закопани при повлекувањето на непријателските војски.


Пред неколку години, кога во Битола почна реконструкцијата на Градското шеталиште, кое се поплочуваше со бехатон-плочки, само што почнаа градежните работи тие уште веднаш беа прекинати. Тие денови битолчани имаа што да видат. На шеталиштето, кое се наоѓа во Градскиот парк, во средината меѓу паркот и стадионот „Тумбе кафе“, уште на самиот почеток, при првите ископувања, се појавија огромен број неексплодирани бомби, со различни калибри. Тогаш битолчани сфатија дека сите години пред тоа, тие наместо на шеталиште се шетале, буквално по минско поле. Бомбите што тогаш беа пронајдени при ископувањето беа откриени на сосема мала длабочина, од нецел метар.

Според еден од најдобрите познавачи на состојбите со неексплодирани бомби во Битола и во Битолско, деминерот Костадин Поповски, кој до пред неколку години, пред да стане командир на битолската противпожарна единица беше задолжен за деминирање на минираните терени, инаку магистер по заштита и спасување, тогаш на шеталиштето беа пронајдени вкупно 280 неексплодирани бомби. 
- Шеталиштето и Градскиот парк во Битола буквално лежат на неексплодирани бомби. Ги има во огромен број и од различен калибар. Тоа не треба да чуди затоа што тој дел од Битола, за времето на Првата светска војна беше буквално отворен магацин, во кој се чуваа бомбите. Бомбите беа редени како што сега домаќините ги редат за зимата исечените и исцепени дрва и складовите беа поставувани околу артилериските гнезда. Овој дел на Битола е полн со неексплодирани бомби, затоа што Градскиот парк и шеталиштето се наоѓаат во близината на железничката станица и касарната и затоа токму на тој дел беа поставени тие складишта со бомби - вели Костадин Поповски.

И кога битолчани заборавија на големиот број неексплодирани бомби, кои беа најдени кога почна реконструкцијата на шеталиштето, деновиве во Битола сликата се повтори. За време на копањето на површината на Градскиот стадион под Тумбе кафе, кој се наоѓа во непосредна близина на шеталиштето, повторно беа откриени голем број неексплодирани бомби и гранати. Според полицијата, во период од само неколку часа, поточно од 10.30 до 14 часот во Битола, на градскиот стадион, при изведување на градежните работи биле пронајдени 24 неексплодирани артилериски гранати со калибар од 75 мм, 40 минофрлачки гранати - калибар 75 мм, 6 рачни бомби и 14 куршуми калибар - 9мм со потекло од Првата светска војна.

Откако увид на местото на настанот изврши увидна екипа на битолската полиција од страна на пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување на Подрачната единица - Битола, експлозивните средства беа безбедно подигнати.
Деновиве на градскиот стадион под Тумбе кафе работите се привремено прекинати. Градежните работници со кои разговаравме се исплашени и стравуваат дека на потегот каде што моментно работат има уште неексплодирани бомби и гранати.
- Дека има неексплодирани бомби и гранати на тој дел каде што моментно се гради новиот градски стадион, е повеќе од сигурно. Тој дел на Битола, шеталиштето, Градскиот парк, Тумбе кафе, касарната, буквално лежат на бомби. Тие се наоѓаат на различна длабочина, а најчесто ги има на 1,5 метар длабочина. Но, граѓаните не треба да стравуваат бидејќи тие можат да „излезат“ на површина само кога се изведуваат градежни работи, како што моментно се изведуваат со изградбата на новиот градски стадион под Тумбе кафе. На овој дел од Битола не само што биле фрлени огромен број бомби, туку по повлекувањето на непријателските војски огромни количества бомби и гранати останале закопани под земјата - додава Костадин Поповски.

Иако во градот никој не води некоја прецизна евиденција, сепак според Поповски, кој од 1999, па сѐ до 2008 година беше пиротехничар и деминер, во Битола, колку што се сеќава тој, откриени се над 29.000 неексплодирани парчиња разна муниција.
Вкупната тежина на сите откриени неексплодирани бомби и гранати, изнесувала над 100 тони. Колкава разорна моќ е тоа може само да се претпостави.

Иако сите се свесни дека градот под Пелистер не само на тој дел, кај Градскиот парк и железничката пруга, лежи на неексплодирани бомби, засега никој не се зафатил со преземање конкретни мерки за деминирање. За неексплодираните бомби се зборува само тогаш кога ќе бидат пронајдени. 
- Јас многупати досега сум го поставувал прашањето со деминирање не само на шеталиштето или Градскиот парк, а сега и на Тумбе кафе, туку и на целиот град. Сега, кога има современа техника не знам зошто не се преземат мерки за детекција на неексплодираните бомби или гранати, уште повеќе што сите ние знаеме каде ги има. Наместо бомбите да ги откриваат стручњаците што се обучени за тоа, ние оставаме да ги пронаоѓаат градежните работници кога работат на одредени градежни парцели, кога од невнимание може да дојде до експлозија и до несакани човечки жртви - вели Костадин Поповски, според кого најмногу неексплодирани бомби покрај во Битола има и во мариовскиот дел, особено на Кајмакчалан, каде што се воделе тешки борби за време на пробивот на Солунскиот фронт.

Тоа што особено загрижува е што иако Битола лежи на бомби, засега, освен Костадин Поповски, кој веќе неколку години, откако стана командир на противпожарната единица не се занимава со деминирање, има само уште еден деминер. Од друга страна, нема ниту кој да ги наследи, оти други млади лица не сакаат ни да слушнат да се занимаваат со овој ризичен занает, уште повеќе ако се знае дека пиротехничарите и деминерите, чиј живот е постојано на коцка никако не можат да се изборат за бенефициран стаж. Како во Битола, слична е состојбата и во целата држава, во која има само 10 професионални деминери, кои се вработени во Дирекцијата за заштита и спасување.
Фото:
Фото: В.М.Младеновска
Фото: