wrapper

Флеш вести

Понеделник, 24 Април 2017 20:56

Гевгеличани одлучија, на ред е Советот на општината

По вчерашниот референдум, каде жителите на Гевгелија со убедливо мнозинство од 97 проценти гласаа „против“ отворање на рудници, на ред е Советот на општината која треба да ја спродведе оваа одлука на граѓаните.

Според Законот за минерални суровини, каде неопходна е согласност од локалната самоуправа, со референдумот не се исполни критериумот за отворање на рудникот Конско на планината Кожуф, кој беше планиран од канадската компанија „Невсан“. Оваа одлука, која е донесена на референдумот, во член 8 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните пишува дека е задолжителна.

Како што кажуваат иницијаторите на референдумот, здружението „Спас за нас“, граѓаните гласале за основните човекови вредности и права и за своите деца. 

Ангел Наков, претседател на здружението „Спас за нас“ вели дека не се ни сомневал резулатот ќе биде поинаков, а по референдумот, прашањето за овие два рудници на Кожув е затворено, но отворени се прашањата за другите рудници кои постојат во југоисточна Македонија. 

Оттаму објаснуваат дека со начинот на кој беше поставено прашањето, на територијата на Гевгелија и во иднина веќе нема да може да се бара концесија за геолошки испитување, ниту пак, ќе има експлоатација на земјиштето за вадење металични суровини.

Прашањето на референдумот се гласаше на прашањето „дали сте за или против отворање рудници за металични минерални суровини на територијата на општина Гевгелија?“

Од здружението „Спас за нас“ велат дека Гервелија ќе продолжи да се развива како земјоделски и туристички регион со чиста животна средина. Советот на општината, во овој состав или новиот состав по локалните избори, како што велат, треба да ја спроведе оваа одлука на гевгеличани.