wrapper

Флеш вести

Среда, 26 Април 2017 19:01

Рускиот патријарх ќе го одликува Иванов за промовирање на христијанските вредности

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов е одликуван со наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори“ за 2016 година, што во мај, на свечена церемонија во Москва, ќе му биде врачена од патријархот на Руската православна црква, Кирил.

Наградата ја доделува Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи, за извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи и за утврдување и промовирање на христијанските вредности во животот и општеството.

Носители на наградата за 2016 година, покрај претседателот Иванов, се и поглаварот на Коптската црква, патријархот Тавардос Втори и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.

Предвидено е свечената церемонија на доделување на наградата да се одржи на 23 мај 2017 година во храмот „Христос Спасител“ во Москва.

Престижната меѓународна награда која му се доделува на претседателот Иванов претставува признание на неговите заложби во зајакнување на меѓу-православните односи, улогата на религијата во општеството и воспоставување, односно јакнење на принципите на верска толеранција.

Носители на наградата се претседатели на држави, влади, парламенти, поглавари на православни цркви, лидери на меѓународни организации, проминентни политички и духовни лидери, јавни личности, претставници на бизнис-заедницата.

Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи е формирана во 1995 година со благослов на патријархот Московски и на цела Русија Алексеј Втори.

Меѓу досегашните носители на наградата на Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи се шестиот Генерален секретар на Обединетите Нации, Бутрос Бутрос Гали, српскиот претседател Томислав Николиќ, црногорскиот претседател Филип Вујановиќ, бугарскиот патријарх Неофит, рускиот претседател Владимир Путин, палестинскиот претседател Махмуд Абас, рускиот премиер Димитри Медведев, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, претседателот на руската Државна дума Сергеј Наришкин, бугарскиот претседател Георги Прванов, грчкиот претседател Константинос Стефанопулос, претседателите на Република Кипар, Киприану Спирос и Пападопулос Тасос, претседателот на Естонија, Арнолд Ријтел, претседателот на Молдавија, Владмир Воронин, претседателот на Ерменија, Роберт Кочарјан, тенисерот Новак Ѓоковиќ, режисерот Емир Кустурица.

Основната цел на фондацијата е зајакнување на духовното единство меѓу православните народи, интензивирање и продлабочување на културната и социјална соработка на православните заедници и промоција на христијанските вредности во општеството.