wrapper

Флеш вести

Вторник, 07 Февруари 2017 20:24

Македонските скијачи ќе настапат во слалом и во велеслалом

На Светското првенство (СП) во скијање во Сент Мориц, Швајцарија (12-19. февруари), ќе настапат седум македонски скијачи, и тоа во квалификациските трки, во техничките дисциплини, во слалом и во велеслалом. 



На СП Македонија ќе ја претставуваат олимпиецот Антонио Ристевски, Лука Божиновски, Дардан Дехари, Марјан Нашоку, Виктор Петков, Воислав Синадиновски и единствената скијачка, Лидија Симјановска. Македонските скијачи на СП во својство на селектор и тренер ќе ги предводи Иван Лесевски, кому ќе му помага Никола Панчевски.
- Ристевски, кој деновиве е на мини-подготовки во Банско, со најдобрите бугарски скијачи, како и Лидија Симјановска, први ќе заминат за Сент Мориц, на 12 февруари, каде што ќе им се придружи Лука Божиновски, кој ќе допатува од Канада. 

Преостанатиот дел од екипата за Швајцарија ќе замине на 14 февруари (натпреварите во велеслалом и во слалом се на 16, 17, 18 и 19 февруари н.з.). Сите македонски скијачи ќе учествуваат во квалификациските трки, а надежите и очекувањата се дека, покрај Антонио Ристевски, уште некој од нив ќе успее да се најде меѓу првите 25, односно да се квалификува за главната трка. 
Конкуренцијата е многу силна, на собир таму ќе бидат најдобрите светски скијач(к)и, што е добра можност за младите македонски натпреварувачи да стекнат одредени искуства и на самото место, на врвни натпревари, да ги видат најдобрите - вели Лесевски, кој деновиве беше во Банско заедно со Ристевски.      
                                                         
Монденскиот швајцарски зимски центар Сент Мориц од денеска, 6-ти, па до 19-ти февруари, ќе биде домаќин на 44-то Светско првенство (СП) во алпско скијање, по петти пат во историјата (по 1934, 1948, 1974 и 2003 година).

На СП во Сент Мориц ќе настапат 589 скијач(к)и (360 мажи и 229 жени) од 76 земји во светот, меѓу нив и од Македонија. 
Натпреварите од СП ќе бидат директно пренесувани од 15 интернационални телевизиски мрежи во светот, и тоа со најсофистицирана технологија, со најразновидни графички прикази за брзината, времето, скоковите и слично. На задниот дел од чевлите на скијачите ќе бидат закачени минијатурни транспондери, кои ќе ја мерат реалната брзина и веднаш ќе ги проследуваат податоците (обработени) на ТВ-екраните на трките во супервелеслалом и во спуст. 

Ваквата технологија, која ќе дебитира во Сент Мориц, би требало од следната сезона да се применува и на трките во техничките дисциплини во Светскиот куп, како и на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг 2018.