wrapper

Флеш вести

Понеделник, 20 Март 2017 20:42

Иконата на пресвета Богородица помага и обединува

Уште од раните утрински часови, пред да се отворат портите на храмот „Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица, многу граѓани стрпливо чекаат да влезат и пред чудотворната икона на пресвета Богородица Скоропослушница да се поклонат, да се помолат за здравје и среќа во животот, да побараат да ги ислуша нивните молби и желби, да им помогне, како што им сторила на илјадници поклоници. Отец Димитар, свештеник во овој храм, вели дека, покрај православните христијани, доаѓаат и лица со муслиманска вероисповед, како и од другите религии, и тие бараат помош од мајката божја. Вратите на храмот, додава отец Димитар, секогаш биле отворени и така ќе биде секогаш, за секој добронамерник. Народот доаѓа од маки и со верба дека мајката божја ќе ги слушне неговите молби и ќе му помогне. 


Храмот посветен на светите Тивериополски свештеномаченици во Струмица, од пред некој ден е постојан дом на иконата „Пресвета Богородица Скоропослушница“, подарок од манастирот „Дохијар“, на Света Гора Атонска. Во овој храм секојдневно на поклонение пред иконата доаѓа многу народ од градот, околните места и градови, а во иднина ќе го посетуваат и на поклонение ќе доаѓаат верници од целата наша татковина и од странство. Струмица, меѓу другото, ќе биде препознатлива и по оваа чудотворна икона.

Игуменот на светогорскиот манастир „Дохијар“, архимандрит Григориј, заедно со монашкото братство, оваа копија на нивната чудотворна икона им ја подари на градот Струмица и на Македонија бидејќи бил мотивиран од еден несекојдневен настан. Имено, според сведоштвото на интернет-страницата „Светогорски сеќавања“, на крајот од минатата година, манастирската црква ја посетило18-годишно момче од Струмица и застанало пред чудотворната икона да се помоли. Одеднаш, по молитвата, момчето, кое никогаш во животот немало изговорено ниту еден збор, започнало нејасно да зборува на македонски јазик: „Мајко пресвета, подари ми здравје“. Молебенот продолжил. Веднаш по завршувањето на молитвата, момчето се обратило кон присутните, кои заедно со него се молеле: „Ви благодарам на сите, веќе се чувствувам многу добро“.

Инаку, старецот Григориј, монашкото братство и верниците секој ден пред чудотворната икона на пресвета Богородица Скоропослушница го пеат молебниот канон посветен на пресвета Богородица во чест на оваа нејзина чудотворна икона. Притоа се читаат стотици имиња на живи и упокоени христијани, со цел мајката божја што поскоро, по молитвите на верниците, да им испрати помош и утеха. Архимандритот г. Григориј и неговото христоподобно братство, за богочуваниот град Струмица и за целата наша татковина, по повод исцелението што пресвета Богородица го направи со момчето, исцелувајќи го од целосна немост, реши да ја подари копијата на нивната чудотворна икона. Сепак, главната причина за овој бесценет дар е огромната љубов на старецот Григориј и неговото братство за нашиот верен народ. Кога старецот ја испраќаше иконата од Света Гора, порача: „Нека оваа пресликана икона ги има истата сила и благодат како првообразната, да дава исцеленија и твори чудеса на сите што со вера ѝ притекнуваат!“

Струмичката епархија, во содејство и со организациска помош на архимандритот Партениј, игуменот на бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ и неговото монашко братство, беспрекорно го уреди пречекот на иконата, а потоа, со благослов на струмичкиот митрополит, г. Наум, во раскошна молитвена литија, проследена од илјадници верници, иконата беше пренесена во храмот на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици.

На плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, домаќините, македонското монаштво и свештенство, гости од Грција и од Бугарија, како и многубројниот верен народ, на иконата „Пресвета Богородица Скоропослушница“ ѝ приредија величествен и незаборавен пречек. Илјадници луѓе го исполнија плоштадот и кај секого од присутните бликаше торжество, слава, благодарност, а срцата на сите им беа исполнети со радост. На сплотеното Христово стадо му се обрати митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј: „Образот на мајката божја нека ни послужи за утеха и за надеж. Нека ни послужи за надминување на сите препреки во манифестирањето на Христовата љубов. Па, сите што ќе ѝ се обраќаат со молитва, да најдат сила и поткрепа за да ги надминат искушенијата, недоумиците и проблемите!“.

Од името на дохијарскиот старец, архимандрит г. Григориј, говореше јеромонахот Филотеј: „Посакувам од сето свое срце, по молитвите на нашиот старец и на целото наше братство, пристигнувањето на пресвета Богородица на ова место да ве укрепи и, како што им беше ветила на сите што се молат во Господа, да ви ги дарува своите вештествени и духовни блага, да ѝ дарува мир на вашата земја; да им проговори во срцата на оние што управуваат, да живеете во мир, и вашето општество, држава и целиот народ да можат во мир да го слават Бога постојано, и со своите зборови и со своите дела“.

Чудотворната икона, од оригиналот што се наоѓа во манастирот „Дохијар“ ја пресликал зографот Димитриј Аргири и, пред да пристигне во градот Струмица, во саботата престојуваше во женскиот манастир на пресвета Богородица „Богопокровен (Теоскепастос)“, кај солунското село Сухо - метох на манастирот „Дохијар“. По повод втората недела од великиот пост, во манастирот „Сухо“ се одржа бдение, на кое молитвено присуствуваа и наши монаси и клирици од дебарско-кичевската и струмичката епархија, како и околу 130 верници од Македонија, кои со најголемо и најтопло гостољубие беа примени да преноќеваат во манастирот од страна на монашкото сестринство, предводено од игуменијата Евсевија. Следното неделно утро се отслужи света литургија, и во манастирот во „Сухо“ и во струмичкиот храм на св. Григориј Палама. Првата ја водеше сепреподобниот јеромонах Филотеј Дохијарски, а втората, нашите архијереи г. Наум Струмички и г. Тимотеј дебарско-кичевски, во сослужение со архимандритот г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир и свештенството од струмичката епархија. Веднаш по завршувањето на литургијата во Сухо, копијата на чудотворната икона, проследена со јеромонахот Филотеј и македонските монаси и верници, тргна кон градот Струмица, каде што пристигна околу 13 часот, по што следуваа веќе споменатите свечености.
 

 
 
МАНАСТИРОТ „ДОХИЈАР“ ПЛЕНИ СО СВОЈОТ РАСКОШ И УБАВИНА
 
Сеќавањата и доживувањата од петнаесетдневниот престој и поклонение на Света Гора, која ја нарекуваат уште и „монашка република“, длабоко се врежани во мојата меморија. Постојано се навраќам на незаборавните средби и разговори што ги имав со игумените на манастирите, со монасите, како и со посетителите од повеќе држави на светот. Неодамнешниот настан во Струмица, т.е. пречекот на иконата на пресвета Богородица Скоропослушница - подарок од светогорскиот манастир „Дохијар“, ме потсети на престојот во овој манастир и присуството на целоноќното бдеење таму. Традиција што никогаш не е прекината и трае до денес и ќе трае. Бдеењето беше настан што во мене остави најголем впечаток.

Со овие неколку реда, почитувани читатели, со вас ќе ги споделам чувствата, доживувањата што се незаборавни, иако минаа само шест години.
Возвишено е чувството да се присуствува на чинот на сеноќно бдение во светогорскиот манастир „Дохијар“. Незаборавно и неповторливо! Во црквата посветена на светите архангели, по повод празникот Покров на пресвета Богородица, се чествуваше пресветата Богородица како покровителка на човечкиот род. 

Молитвеното бдеење се одржа ноќта меѓу 13 и 14 октомври. Вечерната богослужба почна со внесувањето на чудотворната икона на Мајката Божја, наречена Скоропослушница. Таа се чува во живописан параклис, а пред олтарот ја донесоа четворица монаси со литија. Глетката беше величествена. Почит ѝ оддадовме над тристата верници, ни затрепереа срцата од сета мистика што беше присутна во храмот. Со богослужбата и со бдеењето, кое започна во 21 часот и траеше до 5 часот наутро, следниот ден, чиноначалствуваше викарен епископ од Киев на Украинската православна црква. Бдеењето со големо внимание и учество во пеењето го проследија верници дојдени од сите страни на Грција, потоа од Русија, Украина, Грузија, Македонија, Србија, Бугарија и понекој гостин од западноевропските држави. Службата беше изведена беспрекорно, со учество на стотина монаси и искушеници. Внимателно следејќи ја богослужбата, имав впечаток дека присуствувам на некоја своевидна молитвена опера, која се одржува во прекрасен црковен амбиент. Целосна темница, светло доаѓаше само од неколкуте кандила и запалените свеќи. Гласовите на двата хора, кои наизменично пееја и се дополнуваа, беа мошне моќни, тенорите се извишуваа до небесата. Ангелските гласови на монасите, кои беа милозвучни, ми ја топлеа душата, од задоволство трепереше целото мое тело.

За свечената пригода, свечена вечера и ручек. Трпезата беше со морски специјалитети, црвено манастирско вино, кадаиф со ореви, овошје, а игуменот на манастирот „Дохијар“ на секој гостин, како благослов, му подари осветено мирисливо масло и манастирски колач.
Инаку, манастирот „Дохијар“ се наоѓа на 30 метри надморска височина. Првобитниот манастир бил посветен на свети Никола, изграден во 10 век, но од пирати бил срамнет со земја. Во 1570 година манастирот бил од темел обновен, со огромна финансиска помош од Роксанда, сопругата на молдавскиот владар Александар. Фреските на манастирската црква ѝ припаѓаат на критската фрескосликарска школа. Десно од влезот во олтарот, во живописаниот параклис се наоѓа чудотворната икона на Богородица. Пред неа постојано се молат верници за здравје и подобар живот и на неа оставаат вредни предмети, како благодарствени дарови.

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на