wrapper

Флеш вести

Понеделник, 24 Април 2017 17:33

ЛЕГЕНДА ВО ЛАЗАРОПОЛЕ, ТАМУ НАЈГОРЕ: Лековитата вода од „Ѓурепи“ им прави чуда на децата (ФОТО)

Село со многу историја во себе, село со традиција, село кое од сите четири страни го чуваат црквичките: „Св. Спас“, „Св. Атанасиј“ (летен), „Св. Петка“ и „Св. Ѓорѓија“

Лазарополе, таму најгоре, слика убава мајко е на душава“, вака познатиот пејач Наум Петрескиго опеа едно од најубавите села во Западна Македонија.

Селото на писателот Симон Дракул, академикот Анте Поповски, познатиот фолк-пејач БлагојаГрујовски, е дефинитивно едно, ако не и најубаво во реканскиот крај.

Село со многу историја во себе, село со традиција, село кое од сите четири страни го чуваат црквичките: „Св. Спас“, „Св. Атанасиј“ (летен), „Св. Петка“ и „СвЃорѓија“.

Меѓутоа, и село со многу легенди, а една од нив е и за лековитата вода од чешмата „Ѓурепи“, која се наоѓа во блиската шумичка, односно на почетокот од селото. Според легендата, оваа вода пред многу години му помогнала на малечкиот Ѓуре да прозбори.

Според кажувањата на мештаните на ова село, малечкиот Ѓуре прозборел откако трипати се напил од лековитата вода.

- Пред многу години една женичка барајќи помош за своето дете, кое не зборувало, случајно се нашла кај изворот со лековитата вода и додека стоела таму му рекла на детето да се напие од водата. Таа му се обратила со зборовите: „Ѓуре пиј“, а тоа по третата голтка викнало на цел глас: „Мамо“. Оттогаш се верува дека оваа вода е лековита и може да им помогне на деца кои имаат проблем да почнат да зборуваат - вака чичко Јосе, постојан жител на селото Лазарополе, ни ја објасни старата легенда за лековитата вода која името го добила токму по малиот Ѓуре.

Инаку, чичко Јосе и уште три-четири луѓе се единствените жители на ова реканско село преку целата година. Ние го затекнавме во дворот од неговата семејна куќа каде што ги подготвуваше огревните дрва за претстојната зима.

- Зимата тука е долга и многу ладна, па затоа морам да се подготвам навреме - ни рече чичко Јосе кој, откако се пензионирал, се вратил во родното село.

Интересно е тоа што во Лазарополе постојано се градат нови куќи. Луѓето со потекло од ова преубаво село повторно се враќаат таму од каде што потекнуваат.

- Еве низ селото се градат нови куќи, се реновираат старите. Инаку Лазарополе брои 400 куќи,но само преку летниот период е полно со луѓе кога доаѓаат дедовците и бабите со своите внуци - ни раскажува чичко Јосе.

И ние бевме сведоци дека во Лазарополе навистина се гради. Во неколку куќи затекнавмемајстори кои ги прават фасадите на старите куќи или, пак, прават темели за нови.

Дефинитивно селото Лазарополе би требало да биде вашата следна дестинација. Речиси да не постои човек што го посетил ова реканско село, а да нема пофални зборови за него.

Погледнете како изгледа тоа низ фотографии: