wrapper

Флеш вести

Понеделник, 01 Јуни 2015 17:21

Англиски воен авион најден во длабочините на Охридско Езеро

Англиски авион од Втората светска војна кај Поградец, праисториски населби, потонати бротчиња во Струга, слатководен рак, живеалишта на јагули, подводни извори кај манастирот Калишта слични на оние како кај Свети Наум се само дел од откритијата на нуркачите за живиот свет и културното наследство во охридското езеро за развој на туризмот.

Милутин Секуловски – Миќо, меѓународeн нуркачки инструктор од Охрид, го заокружи потфатот на пренуркување на крајбрежниот појас на Охридското Езеро.

Тој заедно со неговите колеги, нуркачи од Клубот за подводни активности од Охрид и нуркачи од соседна Албанија, етапно за период од 92 дена го изнурка целиот крајбрежен појас на езерото, и од македонска и од албанска страна, во вкупна должина од 80 километри.

Притоа, како што појасни Секуловски, спроведени се повеќе активности, како за мапирање на локациите каде што се пронајдени интересни подводни материјали, така и за фотографирање на се она што е откриено за време на зафатот.

– Најдовме доста интересни работи, од кои за некои немавме досега никакви информации. Документиравме неколку праисториски населби, локациите Врбник кај Струга, Бучиезе во Албанија, Надол кај Трпејца, праисториската населба кај Градиште. Најдовме и големи колонии на европскиот слатководен рак и слатководниот крив рак, кој на одредени места живеат и во заедници, на длабочина од осум до 15 метри, изјави Секуловски.

За време на нуркувањето се документирани и потонатите бротчиња кај Струга од Првата светска војна, како и остатоците од авион од Втората светска војна, летало на Кралските воздушни сили на Британското воено воздухопловство.

28022015124629_Nurkanje-650x396

– Документиравме и локации со интересна конфигурација на дното, позиционирани се и подводни извори на повеќе места на дното на езерото. Слични извори на оние кај Свети Наум се лоцирани и на дното на езерото кај манастирот Калишта, на длабочина од пет до осум метри, извори со голема издашност, додаде Секуловски.

Податоците од активностите ќе бидат достапни за сите заинтересирани како Хидробиолошкиот завод, „Завод и музеј“ од Охрид и други научни институции. Иако проектот не е истражувачки, сепак сите обезбедени податоци ќе бидат достапни за јавноста, а предвидено е по комплетирањето на собраниот материјал да биде изработена документарна емисија со сите активности, како и изложба на подводна фотографија.

Споерд Секуловски, регистрираниот материјал не само што е интересен за потребите на научните и културните институции, туку ќе биде повеќе од добредојден за развојот на подводниот туризам на Охридското Езеро.

За безбедноста на нуркачите се грижеа специјализирани единици на МВР и на АРМ, а целиот период на зафатот во приправност беше хипербаричната комора на Нуркачкиот клуб „Амфора“ што функционира под раководство на доктор Горан Балески, кој и самиот е нуркач.