wrapper

Флеш вести

Петок, 26 Февруари 2016 04:11

Митрополит Струмички Наум: Новинарите треба да внимаваат што пишуваат, зашто од тоа може да произлезе некое јавно добро или зло


Секој печатен или електронски медиум настојува да пишува за интересни случувања, се разбира, за да биде читан. На тој начин, печатениот медиум станува популарен и продаван, а секако заработува и пари.

 

Луѓето, сакајќи да се информираат за настаните, го купуваат печатениот медиум и за тоа плаќаат. Луѓето за кои се пишува, без оглед на тоа што се пишува, стануваат познати и славни. Славата често со себе носи и пари. Значи, ем добиваат бесплатна реклама во медиумот, ем имаат финансиска корист од тоа.
Инаку, значајни промени за актерите во ситуацијата што била тема на написот обично потоа нема: ниту оној што е обвинет за нешто, а е виновен, оди во затвор; ниту оној што обвинува, ако лаже, оди во затвор. На ова ниво од случувањата сите се задоволни и среќни, кој помалку, кој повеќе, посебно оние за кои се пишува. Тоа е гледање на работите само површински и од чисто човечка перспектива.

Но, постои и Божја перспектива од која се гледа на ова за што зборуваме, а еве зошто треба да ја имаме предвид: сите забораваме на Бог во времето кога мислиме дека здравјето, среќата и бизнисот ни врват, а потоа се чудиме кога одеднаш сè ќе се смени на лошо.

Ја спомнуваме загубата на приземните вредности зашто никој не се вознемирува од загубата на она што не го ни вкусил – небесното.

И никој за тоа не е крив освен злото во самиот човек, кое му прави простор на демонот да го стави неговиот живот под своја контрола.

Кон злото или кон доброто, внатре во себе, секој слободно се приклонува. Значи, должни сме да потсетиме како одеднаш се губи она што се сака, а секој нека си го избере патот по кој ќе врви – губитнички или победнички.

Новинарите или информаторите на електронските медиуми треба да внимаваат што пишуваат, зашто од тоа може да произлезе некое јавно добро или зло.

Во зависност од големината на причинетото добро или зло, ќе дадат одговор пред Бог уште сега, во овој живот, а и во Царството Небесно.

За доброто ќе бидат наградени со Божја помош и милост, а со стореното зло, ако не се покајат, самите себе ќе се казнат и сигурно ќе го најдат истото како соодветна пречка на патот од својот живот.

И народната вели: што си посеал, тоа ќе жнееш.

Казната доживеана уште во овој живот може да е спасителна и искупителна варијанта, зашто ако биде и причина за покајание, ќе го ослободи сторителот на злото од казната во идниот век.

Исто така, треба да се внимава и со кои чувства и со која намера се пишува тоа што се објавува.

Едно е да се пишува од омраза и одмазда, друго заради слава и пари, а трето – со тага и заради вистината.

Постојат и други комбинации освен наброените, но треба да се внимава која комбинација ја привлекува Божјата милост, а заради која се губи Божјата милост.

Оние, пак, што читаат, ќе дадат одговор пред Бог за следното:

дали лошата случка опишана во печатениот или електронскиот медиум им предизвикува злорадост или молитвена тага, или пак, информацијата за добрата случка им предизвикува молитвена радост или завист.

Со злорадоста и со зависта секој себеси се казнува, и тоа не само на духовно, туку и на чисто душевно ниво.

Од душата казната лесно ќе прејде и на телото. За радоста поради доброто или за тагата поради злото, секој од Господ ќе биде награден, и тоа не само на духовно, туку и на душевно ниво.

Од душата наградата лесно ќе прејде и на телото. Друго е прашањето зошто луѓето повеќе се радуваат на злото отколку на доброто; и зошто не го живеат својот живот, туку повеќе сакаат да го живеат туѓиот.

Исто така, читателите или финансиерите ќе дадат одговор и за тоа дали со парите што ги даваат ќе финансираат медиум што промовира зло или ќе финансираат медиум што промовира добро.

Ние, пак, луѓето за кои се пишува, ќе дадеме одговор пред Бог за следново:
дали она за што сме обвинети е лага или вистина,
и дали она за што сме пофалени е вистина или лага.

Ако не сме направиле зло, а нè обвинуваат како да сме направиле, ќе добиеме маченички венец и во овој живот и во Царството Небесно.

Ако сме направиле зло, па праведно јавно нè обвинуваат и осудуваат за истото, а ние се покаеме, тогаш ќе се ослободиме од осуда на Страшниот суд Христов, затоа што е неправедно некој да биде осудуван и казнуван двапати за едно исто дело итн.

Во секој случај, добро е да пишуваат за нас, зашто ако забораваме дека Бог гледа што правиме, да не заборавиме дека и луѓето гледаат.

Ако, пак, направиме зло и не се покаеме, тогаш тешко нам, подобро да не сме се родиле!

Епископскиот чин може да биде најголем благослов и најголемо проклетство.

Благослов или проклетство, како за тој што го има така и за тие што се во однос со тој што го има. Зависи од односот…

Господ да ни прости и да нè помилува сите!

Митрополит Струмички Наум

За нас

Радио Илинден е 24/7 часовно иселеничко Македонско радио од Мелбурн кое постои повеќе од 12 години. 

За било какви инормации можете да не контактирате во секое време на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Лице за контакт: Дончо Ангелоски Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
+61 403 111 815

Категории

  • Австралија
  • Политика
  • Економија
  • Живот
  • Став
  • Интервју
  • Спорт
  • Занимливости

Следете не на