wrapper

Флеш вести

Недела, 19 Јуни 2016 17:52

ГЛУПАВИ ЛУДАЦИ

Улогата на маченик што ќе биде пуштен низ вода му е доделена на глумецот од Битола. За да заборавиме кој беше помилуван за шест кривични дела.

1Зарем сѐ уште се чудите дека власта била кадарна да смисли трик со возилата на Брзата помош, за да направи инцидент на протестите на Шарената револуција и во исто време на блокадата спонтано да се појави курирска новинарска екипа за случајно да ја забележи нечовечноста на антивладините демонстранти? Не знам зошто се чудите. Па и малата Тамара умре чекајќи свечено отварање на центарот за сколиози. Кога можеа деветгодишно девојче да умрат за да се сликаат како остваруваат, зошто да не можат да испратат три амбуланти возила за пропаганда против шарените револуционери. Малку им се водените топови, подарок од Ердоган, па како засилување ги искористија возилата на брза помош, подарок од народот. За да разбиваат протести на тие што не мислат како нив.

Десет години живееме во пропагандна кампања. Во која, ете, и возилата за итна помош добија мултифункционална употреба. Ем министерот за здравство Никола Тодоров неколку пати да се слика со нив како остварува, ем да служат како борбено средство против тие што не ја сакаат владата, ем се убав реквизит во сценографија за сценарио со ангажирани новинари, а кога не се зафатени во функција на рекламна кампања, би можеле да се користат и за превоз на болни.

На тој што му текнало да го искористи овој трик, мора да имал монструозен ум. Ама, кој ли ја одобрил реализацијата на овој проект? Кој наредил три амбулантни возила во ист момент да не бидат употребливи, ако некому му затреба итна лекарска помош? Кој ли ја координирал симултаната акција на Брзата помош со новинарските екипи за брза интервенција против Шарената револуција? Зарем извршителите се помалку монструозни отколку тој што наредил да му се оствари идејата?

Што е следно? Како што наоѓаат партиски активисти да им глумат задоволни граѓани во анкетите на вестите на телевизиите, така ќе ангажираат партиски активисти за да глумат дека се болни. Глупаво е колите да возат празни. Рекламата мора да биде реална.

2Исто како што и загриженоста за судбината на градоначалникот на Битола Владимир Талевски мора да изгледа што пореално. Па го пуштија градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски да го брани колегата што доби куќен притвор со пофалби дека бил многу чесен. И дека е жртва на СДСМ.

Мислам… Слушнете ја уште еднаш искрената исповед на Зоран Ставрески кон Гордана Јанкуловска и описот што го даде за градоначалникот на Битола во прислушуваните разговори. По тој муабет, а богами и по фалбите и благодарниците што ги чувме од партијата упатени кон министерот за финансии што за чесниот градоначалник велеше дека е „корумпиран до даска“, вреди ли воопшто да се прави овој муабет?

Туку, и тоа е дел од рекламата. Во која улогата на тој што ќе се пушти низ вода му е доделена на глумецот од Битола. Таква му била среќата. Ќе седи во куќен притвор за сомнеж за некои ситни 360.000 евра, за да заборавиме дека за Никола Груевски нема никакви мерки за претпазливост.  За  ниту едно од шесте дела за кои Иванов, за секој случај, го помилуваше

И додека ВМРО-ДПМНЕ  нѐ замајува со притворот на „Двојче“, судот пресудува дека Специјалното обвинителство формирано баш поради прислушувањето, не е надлежно да го истражува уништувањето на опремата со која се прислушувало. Оти, во бомбите не чувме дека се договараат како ќе ја уништуваат опремата. И никој не чул дека зборуваат како ќе фалсификуваат документи за уништување на опремата.

А што сѐ друго збореа…

Па сега, уште и страдалниците од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ  се жалат дека Талевски бил ставен во притвор под притисок на СДСМ. Многу јак тој СДСМ. Од што е моќен, еве само 10 години не може на власт да дојде. Па од позиција на моќ им наредува на судиите како да судат.

И ние треба да ја купиме и таа приказна. Дека ВМРО-ДПМНЕ не му прави пречки на Специјалното јавно обвинителство. И дека опозицијата врши притисок врз судството.

Тие стварно мислат дека ние сме глупаци.

Па и преговорите запнале околу реформите во медиумите затоа што СДСМ сакале да цензурираат. Искрено кажано, ни јас немам некоја голема верба во демократскиот капаците на опозицијата кога е во прашање односот кон медиумите, ама ова стварно е замајување со глупости. Цел свет решил да ги средува медиумите во Македонија, а ние се расправаме за ситни детали. Како за куќниот притвор на „Двојче“, сега ќе дебатираме за што требало да се казнуваат новинарите и за што не требало да се казнуваат. А суштината на медиумските реформи не е ни допрена. Тоа се парите. Чии пари трошат? Наши пари. Зошто? За купување на медиуми и за поткупување.

Последица на тоа е што новинарите во Македонија се претворени во држачи на микрофони. Кои на бивш премиер на излез од распит во суд не се осмелуваат да му постават прашање за делото за кое е осомничен, туку го оставаат да држи партиски говор без прекинување.

Така што, прашањето  за слободата на мислата во Македонија во моментов не е што смее, а што не смее да се напише. Прашањето за слободата на мислата и објавениот збор е кој ги поседува медиумите. Дека партијата на власт ги купила со наши пари. А тие што не успеала да ги купи, ги поткупува. Пак со наши пари. За да може да продолжиме да живееме во пропагандниот филм.  И за да може Груевски да продолжи да ужива во идеалната слика за него.

4Каков лик ќе беше Зоран Ставрески ако не ги чувме изворно неговите исповеди во прислушуваните разговори? Позитивен, или негативен?

Многумина, врз основа на тоа што го слушнавме, му даваат шанса да остане запаметен како еден од поразумните. Оти, ете, знаел дека немаме за леб, а трошиме за чоколада, дека тие во Владата се лудаци, дека се ненормални… Па дури и му доаѓало на Груевски да му го тресне телефонот од глава. Ако ништо друго, покажал свест дека прават лоши работи.

Ама не покажал совест.

Има ли оправдување ако знаеш дека правиш глупости, ама продолжуваш да ги правиш? Има ли оправдување ако сите свои умствени и професионални капацитети ги ставаш во функција за перфектно извршување на концептот на владеење за кој сметаш дека е лудачки? Има ли оправдување ако знаеш дека некој е „корумпиран до даска“, ама ќе го браниш тој концепт сѐ додека те служи здравјето?

Конечно, дали го прави позитивен лик тоа што искрено се жалел и телефонски го споделувал со колешката  и сопратијката Гордана Јанкуловска како да е на психијатар, или во исповедалница? Па не е ова црква за да помислиш дека гревот ќе си го испереш со исповед.

Пак ќе прашам: Што ако не ги имавме чуено бомбите?